Сцена од претставата „Бура“ во театарот во Прилеп

Во Прилепскиот театар премиерно ќе биде изведена претставата „Бура“ од Шекспир

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп на 5 јуни, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел.

Претставата е дел од годишната програма на театарот за 2024 година поддржана од Министерството за култура, известија од НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Претставата „Бура“ од Вилијам Шекспир е поставена во режија и адаптација на гостинот од САД, Џон Блондел. Сценографијата, костимите, дизајнот на светло и плакат се на Благој Мицевски, музиката е на Томе Темелкоски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Во претставата играат Игор Трпчески, Ангела Наумоска, Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Димитар Ѓорѓиевски, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Катерина Чакмакоска-Клинческа и Ана Митоска.

Текстот „Бура“ (1611) обично се смета за последната драма на Шекспир. Имал удел и во следни соработки, но ова е неговото последно напишано дело. Во него, волшебникот Просперо – поранешен војвода од Милано, живее на пуст остров со својата млада ќерка Миранда, со робот Калибан и со духот-помошник Ариел. Кога неговиот брат, предавникот Антонио плови во близина на островот, Просперо предизвикува бура во која Антонио преживува бродолом заедно со Алонзо – кралот на Неапол, синот на Алонзо – Фердинанд, братот Себастијан, советникот Гонзало, шутот Тринкуло и служителот Стефано.

Фердинанд, за кого мислат дека е мртов, ја запознава Миранда и се вљубува во неа. Антонио и Себастијан планираат да го убијат Алонзо, додека Тринкуло и Стефано се сретнуваат со Калибан, кој ја заговара смртта на Просперо. Ариел ги спречува сите заговори; Просперо го открива својот идентитет и им простува на својот брат и на Алонзо за нивното предавство. Просперо го пушта Ариел на слобода, а останатите – оставајќи го Калибан на островот – пловат кон Неапол.

– Не знам ниту една друга ваква драма што во себе ја содржи целата богата сложеност на животот. Ако имаме среќа да живееме доволно долго, преживуваме бури; се вљубуваме; изневеруваме или сме изневерени; вршиме или трпиме насилство – вербално, психичко или емоционално; претрпуваме загуба; се прашуваме што нѐ чека; се смееме со пријателите; се каеме за грешките и чекориме кон неизвесната иднина. Бурата го содржи сето ова и уште повеќе. Тоа е прекрасно. Претставата е филозофија на животот, барем Шекспир ја понудува како таква преку неговото алтер его – волшебникот Просперо. И обајцата се слика на другиот: уметници кои стареат и прават некаков ред во својот живот движејќи се низ своето последното поглавје. За Шекспир, преку волшебникот Просперо, тајната на животот е да се запамети, а потоа да се прости. Иако првичната намера на Просперо можеби била да се одмазди (тоа не е сосема јасно во текстот), тој наскоро открива дека мора да си прости себеси, а потоа да им прости на другите. Тоа е прекрасна драма, дива и трогателна, која иако е многу стара, истовремено е многу модерна. Како што вели големиот романски режисер Ливиу Чулеј, „Класиката е класика затоа што е модерна“. Неизмерно уживав во работата на оваа претстава, со овие прекрасни луѓе во Прилеп. Сите се надеваме дека ќе уживате – истакнува режисерот Џон Блондел.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот