Во понеделник започнува акција за собирање кабаст отпад во Аеродром

Општина Аеродром од понеделник, 5 мај, започнува  акција за бесплатно собирање кабаст отпад на целата територија на општината што ќе трае до крајот на јуни. Во текот на акцијата, која ќе се спроведува во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, на повеќе локации ќе бидат поставени садови во кои граѓаните ќе можат да го оставаат својот стар и дотраен мебел.

Акцијата ќе почне од населба Мичурин каде што во понеделник и во вторник контејнери ќе бидат поставени на улица Анастас Митрев зад паркот до трансформаторот и на улица Венјамин Мачуковски до трансформаторот кај Железничка станица. Потоа, на 7 мај, среда,  и на 8 мај, четврток, жителите на Острово својот кабаст отпад ќе можат да го оставаат на улица Владимир Комаров број 9 до контејнерите, како и на Владимир Комаров број 16 зад ТЦ „Скопјанка“.

Кабастиот отпад е планирано да се собира речиси до крајот на јуни, а жителите за сите локации и датуми можат да се информираат на страницата на општината aerodrom.gov.mk, каде што е објавен планот со точните датуми и локации.

Општина Аеродром ваквата акција ја спроведува со цел да им се излезе во пресрет на аеродромци да можат бесплатно да го отстранат стариот мебел од своите домови. Со тоа истовремено ја заштитуваме животната средина од несовесно фрлање отпад, при што се создаваат диви депонии што ја загадуваат околината и се лоша слика за Аеродром – велат од Општината.

Иста ваква акција во Аеродром беше спроведена и во текот на август и септември минатата година, при што од точно 41 локација, беа собрани околу 70 тони отпад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот