
Во МНТ се одржа првата читачка проба за претставата „Иванов“
Во Македонскиот народен театар – Скопје започнаа пробите за новата претстава „Иванов“, по текст на А. П. Чехов, преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа, а адаптацијата и режијата се на Зоја Бузалковска.
Препорачано
Во претставата ќе играат Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.
Сценографијата е на Зоја Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, музиката е на Давид Ангелевски. Спортските качувања и движења се на Александар Зарапчиев, а физичките вежби и движења се на Нина Деан.
На сцената на Македонскиот народен театар од авторот А. П. Чехов до сега се поставени драмите: „Галеб“ (1960, 1990 и 2018), „Три сестри“ (1970), „Иванов“ (1984), „Вишновата градина“ (1997 и 2010), „Малиот човек“ (2004), „Вујко Вања“ (2015).
Ова е четврта претстава која режисерката Зоја Бузалковска ја поставува во МНТ – по „Песочна сложувалка“ (1999), „Вујко Вања“ (2015) и „Квартет“ (2016).
Премиерата на претставата „Иванов“ се очекува во текот на мај оваа година, известија од РСМ НУ Македонски народен театар.