Никола Кимовски, в.д. директор на РСМ НУ Македонски народен театар

Во МНТ почнаа подготовките за отворањето на новата театарска сезона

Националната установа Македонски народен театар (МНТ) соопшти дека по назначувањето на новиот в.д. директор Никола Кимовски на најголемата театарска куќа во Р Северна Македонија почнале подготовките за отворањето на новата театарска сезона 2024/2025 и за реализирање на плановите до крајот на годината.

Редовната репертоарска програма ќе почне во септември, а во рамките на истата, како новитет и по барање на публиката, свечено ќе биде отворена и летната сцена „Славиша Кајевски“.

Кон средината на октомври, на малата сцена премиерно ќе се одигра претставата „Бели ноќи“ во режија на Звездана Ангеловска (копродукциски проект), а на 17 октомври е договорено гостување со претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ на Интернационалните театарски средби „Брчко Дистрикт“, БиХ.

На големата сцена ќе следува премиерната изведба на претставата „12“ во адаптација и режија на Синиша Евтимов, кој мајсторски го направи изборот од моќна актерска екипа. Претставата „12“ ќе биде работена по мотивите на „12 Angry man“ од Реџиналд Роуз.

Во ноември ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Собирачи на пердуви“ во режија на Дејан Пројковски, претстава која го освои првото место на реномираниот српски фестивал „Театар во тврдината“- Смедерево, 2024 година.

Во ноември, исто така, премиерно ќе биде одиграна и претставата „Бог на масакрот“ (копродукциски проект) по текст на Јасмина Реза, а во режија на Весна Петрушевска.

Српскиот режисер Егон Савин ќе ја постави претставата „Народен пратеник“ по текст на Бранислав Нушиќ. По претставите „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996), ова за Савин е трета режија во Македонскиот народен театар. Претставата „Народен пратеник“ на сцената на МНТ, за првпат е поставена во 1945 година, потоа во 1993 година, а ова е трета постановка.

Во декември е предвидена премиерната изведба на копродукцискиот проект „Марта“ по текст на Драгана Лукан Николоски, а во режија на Нина Николиќ.

Со почетокот на училишната година, активно ќе продолжат организираните тури за посета на театарот, со посебен акцент за основните и за средните училишта. На овие тури младите генерации ќе имаат можност да се запознаат со театарот преку разгледување на објектот, музејската поставка со посета на проби и разговори.

Покрај онлајн-продажбата на билетите на официјалната веб-страница www.mnt.mk, како новитет ќе се имплементира и мобилна апликација каде што публиката ќе биде во можност на побрз и на поедноставен начин да дојде до билет.

В.д. директорот Кимовски со овластени лица, како и со дел од вработените од техничките служби, направи целосна обиколка на објектот – во ентериерот и екстериерот, за утврдување на штетите создадени од природните непогоди (внатрешно прокапување, ронење на фасадата и сл.) и нивна понатамошна санација, извести Мила Анѓелковиќ од НУ Македонски народен театар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот