
Во летното кино на МСУ ќе биде прикажан документарниот филм „Екран за Скопје“
Во сеќавање на катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, во рамките на МСУ – Летно кино, под тремот ќе биде прикажан експерименталниот документарен филм „Екран за Скопје“ (1988, 31 мин.) на полската филмска режисерка, актерка и продуцентка Малгоржата Потоцка.
Препорачано
Филмот следи уметници активни во 80-тите години на минатиот век додека создаваат претстави, акции и јавни интервенции. Дел од нив, како Кристо, Симон Шемов, Петар Мазев и Јержи Трелински донираат свои дела на уметничката колекција на МСУ – Скопје, но вклучени се и други, како Јозеф Робаковски, Иван Владислав Галета, Џоан Џонас. Во меѓувреме, две фигури, скриени зад бело платно, разиграно ги водат гледачите низ модернистичкото Скопје.
Инаку, документарецот е дел од изложбата со дела од вредната уметничка колекција на МСУ со наслов „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје“ (No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection), која беше отворена во „Кунстхале“ во Виена и која во моментов е отворена во Националната галерија во Прага.
Проекцијата е закажана за 26 јули, во 21 часот, под тремот во Музејот на современата уметност (МСУ), а влезот е слободен.
Кустос на МСУ – Летно Кино е Софиа Григориаду, а МСУ изразува благодарност до Филип Димевски и Живко Грозданоски за преводот на македонски јазик.