
Во издание на „Антолог“ делата на Франц Кафка стануваат достапни на македонски јазик
Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје објави две дела од Франц Кафка, еден од најголемите книжевни гении на сите времиња. Станува збор за романите „Америка“ во превод на Душанка Каевска и „Замок“ во превод на Бобан Здравковски Андреевски, овој пат со интегрални преводи на македонски јазик што за првпат ги вклучуваат и оригиналните предговори на неговиот пријател Макс Брод, и со тематски дизајн на кориците, кој е дело на Марко Трпески.
Препорачано
– Објавувањето на целосните дела на Кафка е најпрвин исполнување на една лична желба уште од училишните денови, но и голем придонес кон издавачката продукција, зашто навистина нашата читателска публика заслужува да ги има достапни на македонски јазик делата на можеби најзначајниот и најенигматичниот автор на сите времиња. Една од првите десет книги објавени во рамките на нашата едиција „Бранови“ е токму романот „Америка“, чии количини веќе од поодамна беа исцрпени, па неговото реобјавување, но со тематски дизајн, е само прв чекор во новата приказна што планираме да ја испишеме – изјавува Жарко Кујунџиски, главен и одговорен уредник во „Антолог“.
Во следниот период планирано е објавување на капиталното дело „Процес“, „Дневниците“ на Кафка, но и на другите негови познати и помалку познати дела.
Франц Кафка бил автор на визионерска фикција, поседувајќи извонреден талент за соединување на елементите од реализмот и фантастичното. Не залудно неговиот „кафкијански“ стил е влезен како поим во сите книжевни енциклопедии. Според сведочењето на Макс Брод, Кафка го замолил да ги запали сите негови необјавени и незавршени ракописи и романи по неговата смрт. Брод не го послушал, постхумно објавувајќи ги „Процес“ и другите книги што станале класици.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 118, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 февруари 2022)