
Во Драмски театар почнаа пробите за првата копродукција на четири регионални театри поврзани во мрежата РУТА
Директорот на Драмски театар Скопје, Роберт Вељановски, во присуство на министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на Местно гледалишче Љубљана (МГЛ), Барбарa Хиенг Самобор, и директорот на Белградско драмско позориште (БДП), Југ Радивојевиќ, минатата седмица го најави почетокот на пробите за првата копродукциска претстава помеѓу членките од Регионалната унија на театри (РУТА).
Препорачано
По текстот „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ на Душан Јовановиќ (1939 – 2020) почна процесот на подготовка на претстава во режија на хрватскиот режисер Иван Пеновиќ.
Во копродукцијата учествуваат трите театри: Драмски театар Скопје (ДТС), Белградско драмско позориште (БДП), Местно гледалишче Љубљана (МГЛ) и четвртиот партиципиент ЈУ „Будва – Град театар“. Улогите во претставата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ им се доделени на актерите Марјан Наумов, Јована Спасиќ, Лазар Христов, Марко Гверо, Иван Томиќ, Соња Стамболџиоска, Нејц Језерник, Јулита Кропец и Лазар Николиќ. Во уметничкиот дел од екипата се сценографот Лазе Трипков, костимографот Александар Ношпал, композиторот Владимир Пејковиќ, а за сценските движења е задолжен Дамир Клемениќ. Преводот го направи Соња Должан. Инспициент на претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Режисерот Иван Пеновиќ најавувајќи ја претставата истакна дека со комедијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ ќе остварат една желба на авторот на текстот да играат на отворен простор и дека ќе се обидат да ја задржат главната карактеристика во творештвото на Јовановиќ – лудизмот.
– Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по значење, одговори или решенија за човечките егзистенцијални тешкотии. Тој претпочита да ги прифаќа работите онакви какви што се и наместо да бара излез од неволјата, дозволува настаните да се одвиваат преку опуштена игра. Во „Плејбои…“ тоа е виор на жива еротика, младост и невоздржана, никогаш незаситена страст. Меѓутоа, меѓу редови може да се насетат и празнината, суетата и егоизмот на општеството кое постојано брка задоволство. Денес, половина век по 68-ма, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, на кои им се придружуваат потрагата по пари и егзистенцијалниот страв – посочува Пеновиќ.
Претставата ќе биде посветена на петгодишнината од смртта на авторот Душан Јовановиќ и ќе има повеќе регионални премиери и изведби. Првата премиера е планирана да се игра на фестивалот „Будва – Град театар“, Црна Гора, втората ќе биде на „Охридско лето“, па следува изведбата на Бриони во Хрватска.
Наредната изведба во Македонија ќе биде за време на одржувањето на фестивалот РУТА во октомври во Драмски театар Скопје и понатаму претставата ќе се игра на секои два месеца во рамките на изданијата на РУТА во сите регионални театри членки на Унијата.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 280, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.5.2025)