Фото: Слободен печат

Во буџетот на Општина Тетово предвидени нови вработувања во пренатрупаната администрација

На седница, Советот на Општина Тетово го изгласа буџетот на Општина Тетово кој тежи над 29 милиони евра.

Голем дел од буџетот ќе се трошат за плати и придонеси на администрацијата, но дел од него ќе биде наменет за нови 69 привремени вработувања. Опозицијата во советот која не го гласаше буџетот, вели дека се работи за буџет кој ќе вдомува партиски кадри.

„Оваа година овој буџет е буџет на непродуктивни трансфери со ситни инвестирања и ние генерално како советничка група на СДСМ не очекувавме дека нешто спектакуларно ќе се случи во поглед на буџетот. Ова е партиски буџет, а не буџет на инвестиции. Се зголемуваат плати на договорци, каде се вдомуваат партиски кадри на БЕСА и ВМРО ДПМНЕ, изјави Глигорие Стојановски советник од опозиционата СДСМ.

„Ние како ДУИ мислиме дека овој буџет не оди во прилог за доброто на граѓаните, ние мислиме дека градоначалникот одвоил милион евра за нови вработувања и затоа ние сметаме дека не треба да се гласа, оти имаме забелешки за овој буџет, рече Лиридон Диша советник од опозиционата ДУИ.

Претседавачот на Советот на Општина Тетово Бесарт Дурмиши ги отфрли обвинувањата на опозицијата. Вели дека не е точно дека ќе се одвојат 1 милион евра за нови вработувања, буџетот според него е развоен и предвидува инвестиции.

„Се усвои реален буџет од 29.300.000 евра. Буџетот е од дотации и кредити и од средства на општината. Со буџетот се предвидува доградување на булевари и подземни инвестиции, ќе се отвори пат од Лисец до Попова Шапка. Скратени се средствата за службени патувања. Критиките што ги имавме од опозицијата дека сме предвиделе милион евра за вработувања, тоа не е точно. Јас нивните критики ги разбирам, дека тие веќе не менаџираат со општината, кога имаше вработени кои не одеа на работа. Во буџетот се предвидени да се вработат 69 лица, ќе се вработат стручни лица ,редари, пожарникари и слично. Предвидени се 30 милиони денари за вработувања“, вели Дурмиши.

И советничката група на ВМРО ДПМНЕ која во коалција со БЕСА го имаат мнозинството во советот, смета дека буџетот е развоен.

„Ние како советничка група дадовме поддршка на буџетот, оти во тој буџет има проекти кои и се дел од програмата на нашата политичка партија. Партерно уредување на паркот „Тодор Скалоски“, уредување на гробиштата во Фалише, пробивање на булеварите, реконструкција на улицата „Борис Кидрич“ и слично. Беа прифатени и нашите предлози како прослава на Бадник на плоштадот во Тетово, изјави Ангел Караптетров советник од ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами вели дека опозицијата има право да се жали, но не секогаш е во право. Со новите вработувања ќе се дополнат секторите со стручни лица, вели тој.

Целта е во Општина Тетово да бидат вработени луѓе кои ќе одат на работа и кои ќе бидат присутни на работа, а на кои ќе може да им се врши контрола врз тоа што го сработиле. За разлика од порано кога имаше фиктивни вработени, односно луѓе кои земаа плата, а не одеа на работа, вели Касами.

„Досегашното искуство е во општината да има вработени на договор на дело, каде немало конкретна можност да се контролира дали тој вработен доаѓа на работа, што работи и каков придонес има. Ние веќе работиме во правец на тоа, сите вработени да бидат ангажирани со работен однос. Во овој правец сите вработени се вработени по систематизација и тие доаѓаат на работа. Нема некој кој зема плата, а не доаѓа на работа. Има договори на дело, но тие се договори за луѓе кои се ангажирани како надворешни соработници. Во моментов нема фиктивни вработувања, како порано, кога се даваше 1 милион евра за нив“, рече Касами.

Доколку се примат на работа нови 69 луѓе, Општина Тетово ќе биде една од општините со најголем број вработени 420, без да се земат предвид надворешните соработници со кои општината вели дека има склучено договори, но без да прецизира за колку луѓе станува збор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот