
Во борба против денга треската: Филипинско село нуди награда за секој што ќе фати комарец – жив или мртов
Село во близина на Манила, главниот град на Филипините им понуди на жителите по еден филипински пезос (два центи) за секои пет комарци или ларви што ќе ги фатат – живи или мртви – како дел од напорите да се спречи порастот на случаите на денга треска, пренесуваат странските медиуми.
Препорачано
Селото Адишн хил во Мандалујонг, предградие на Манила, започна лов на комарци оваа недела.
„Овој проект е алтернативна мерка, особено во време кога бројот на случаи на денга се зголемува“, рекол началникот на селото Карлито Цернал во објава на Фејсбук.
Цернал ја бранеше неконвенционалната стратегија, а Министерството за здравство рече дека наместо да нудат награди за комарците, локалните власти треба да се фокусираат на собирање ѓубре. Селото на својата фејсбук-страница објави дека еден жител донел 45 ларви од комарци и заработил 9 пезоси (15 центи). Просечниот дневен приход во Манила е околу 10 евра.
Кармелита Гонзалес, шеф на кабинетот на началникот на селото, рече дека досега учествувале најмалку 36 жители.
„Тие се забавуваат собирајќи комарци и ларви“, изјавила таа во телефонско интервју.
„Што е уште поважно, проектот ја подигна свеста кај жителите за потребата да се исчисти животната средина за борба против денга треската. Ќе ја имаме оваа кампања сè додека има бројни случаи на денга треска“, додала таа.
Инаку, денгата е вирусна болест опасна по живот што ја пренесуваат комарците во тропските и суптропските региони.