Бојан Христовски

Во 2021 година диплома по ангиски од школото Јулија во Бугарија – поминала како валидна кај Антикорупциска

Јазичното студио Јулија во Бугарија, кое деновиве се доведува под знак прашалник од страна на опозицијата а каде диплома добил првиот човек на Агенцијата за национална безбедност Бојан Христовски, било предмет на одлучување на Антикорупциската комисија и во 2021 година за друг, посебен предмет за друго именувано лице на функција. Христовски вели дека се е во ред со неговиот сертификат за познавање на англискиот јазик како странски јазик, додека опозицијата обвинува дека се работело за неверодостоен сертификат односно фалсификат.

Слободен печат дојде до пријава до Антикорупциска која била поднесена од анонимен пријавител а се однесувала на директор на Меѓуопштински центар за социјални работи во 2019 година. Антикорупциска во 2021 година ја сопрела постапката за конкретната пријава.

Анонимниот пријавител тогаш навел дека лицето што било поставено за директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи, не знаело ни збор англиски јазик и не го исполнувало условот да приложи валиден сертификат за познавање англиски јазик при назначувањето за директор.

Антикорупциска побарала од директорот да го даде на увид неговиот сертификат за англиски јазик, при што тој приложил сертификат од јазичното студио Јулија, кое е предмет и на новите превирања и сомнежи за сертификатот на Бојан Христовски.

Директорот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи до Антикорупциска комисија доставил документ – Test Center APCU – 8007 – Fullbrigh Commission, test center Bulgaria, certificate no. ADP 075C1/19.06.2019/ C1 Language school Julia Co. LTD со освоени 78 бодови.

Откако тогашниот директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи го доставил сертификатот до Антикорупциската комисија, таа го затворила предметот против него.

Од досегашната работа по предмети ДКСК забележува дека не е воспоставен јасен систем на контрола, надзор и верификација на веродостојноста на сертификатите за познавање на странски јазици стекнати во странство. Не е јасно пропишано како може да се утврди дали едукативните и јазичните центри во странство се членови на Здружението за европски тестатори. Поради ова ДКСК ќе настојува заедно со Министерството за образование да се изнајде соодветно решение за полагање на испит за познавање странски јазици над кое ќе може на соодветен начин да се врши надзор по основ на компетентноста на издавачот и надлежностите при утврдување на веродостојноста на издадените сертификати, се наведува во одлуката на ДКСК од 2021 година. 

Минатата недела анонимни пријавители до Антикорупциска доставија пријава за назначувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност во која покрај сертификатот за англиски јазик, ја спорат и неговата безбедносна проверка, дипломата од економскиот факултет на Универзитетот за туризам и менаџмент, како и тоа што до крајот на 2023 година бил член на политичката партија ВМРО ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Христовски ги исполнува условите согласно законот да биде директор.

Врел костен во рацете на Антикорупциска: Можел ли директорот на АНБ Бојан Христовски прво да стане директор, па потоа да аплицира за безбедносен сертификат ,,државна тајна”?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот