
Власта со нови обвинувања за Дамева – го спорат нејзиниот претседателски мандат кој беше незаконски прекинат
По одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ги повлече членовите на овие две тела од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители која Судскиот совет ја оцени како катастрофална и упад во судството, сега власта излезе со директни обвинувања кон претседателката на Советот, Весна Дамева, па пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски обелодени дека членовите на советот на работен колегиум затворен во јавноста донела заклучок со кој се предлага незаконско продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Препорачано
-Мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател на Советот трае две години без право на повторен избор. Сега дел од членовите на РСС, заедно со Дамева, сега се обидуваат на претседателката на Судскиот совет да И дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година. Со 9 гласа ЗА бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во РСС на 25.11.2024. Овој заклучок е спротивен на чл.8 од Законот за Судски совет, а истиот е и без основа бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на РСС и со тоа истата не предизвикува правно дејство. Да биде иронијата поголема, овој контроверзен записник на РСС, во кој со заклучок се предлага незаконско продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет, сега не им се доставува на членовите кои гласале против. Циркус во боја- напиша Милошоски на Фејсбук.
Дамева пак во соопштение до јавноста вели дека е изненадена од толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин.
-Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред задолжително како законски основ се констатира единствено престанок на мандатот, туку само избор на нов претседател, кое се потврдува и од досегашното работење и постапување на Советот. Со оглед дека во два наврати беа донесени Одлуки за разрешување на претседателот на Советот, и тоа на 26.04.2023 година и на 04.05.2023 година, сметав за потребно само да се дефинира точниот датум до кога треба да ја извршувам функцијата во траење од 2 години. За правното прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години – тврди Дамева.
Дамева беше сменета од претседателското место откако неколку членови на Советот извршија „пуч“ и незаконски ја сменија, а потоа беше вратена на претседателското место со одлука на Управниот суд. Во тој меѓупериод со Советот претседаваше членот на Судскиот совет, Сашко Георгиев.
Таа беше разрешена со седум гласови по иницијатива на тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми, наводно за нарушени меѓучовечки односи. Дамева тогаш тврдеше дека причина за нејзиното разрешување поточно беше ставањето во процедура на седница постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет беше поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.