
Власта сама ќе го турка разрешувањето на петте члена на Судскиот совет
Процесот треба да е инклузивен. Ги повикувам сите пратеници, ако се согласуваат, да се распушти овој Судски совет, ги повикувам кога ќе дојде точката на дневен ред, да гласаат за да бидат разрешени овие членови, повика премиерот Христијан Мицкоски
Иако и парламентарното мнозинство и опозицијата повикуваат на консензус за реформи во правосудството, власта сепак сама ќе го турка разрешувањето на петте члена на Судскиот совет (СС) избрани од Собранието. Пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ денеска поднесоа до Собранието интерпелација за работата на членовите на СС. За премиерот Христијан Мицкоски, без разрешување на членовите на СС невозможни се реформи, додека за лидерот на СДСМ Венко Филипче смената во СС ќе значи нова партизација.
Очекувањата на премиерот биле дека СДСМ ќе биде порационален во изјавите, но тоа што го прочитал како став на опозицијата за него било неочекувано.
Препорачано

– Мислев дека ќе застанеме заедно и ќе обезбедиме национален консензус и заеднички да работиме на промените, да не биде еднострано, да не бидеме обвинети дека правиме нешто што е дел од коалицијата во Владата. Јас ги поканувам сите парламентарни партии заеднички да го работиме овој процес, да биде инклузивен, да не биде дека нешто солираме. Еве, да направиме една нова практика да обезбедиме општествен консензус дека ни се потребни промени и заеднички да работиме тие промени да ни се случат – рече Мицкоски.
За него е неприфатливо причината за состојбата во судството, која е последица од владеењето на СДСМ, сега да се нуди како решение.
– Процесот треба да е инклузивен. Ги повикувам сите пратеници, ако се согласуваат, дека треба да се распушти овој Судски совет што тие го гласале, ги повикувам кога ќе дојде точката на дневен ред да гласаат за да бидат разрешени овие членови на СС. Потоа заедно, во инклузивен процес да најдеме луѓе што ќе мониторираат, ќе бидат тие што ќе идентификуваат судии што го злоупотребуваат тоа што се судии и се причинители со нивните контроверзни одлуки на процеси што не треба да ни се случуваат – рече Мицкоски.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека ЕУ и јавноста во земјава постојано укажуваат за недостатоци на работата на Судскиот совет и дека тие забелешки се значајни за реформите. Тој додаде дека со интерпелацијата сакат да порачаат дека време е да се воведе ред во руинираниот судски систем и потсети дека ВМРО-ДПМНЕ гласала против годишниот извештај за работата на Судскиот совет, но тој не помина во Собранието.

– Очекував Судскиот совет сам да поведе иницијативи за разгледување на Извештајот, зашто членот 100 став 8 од Законот за Судски совет, предвидел дека ако Собранието не го усвои Извештајот, тоа ќе биде основа за поведување расправа пред органите што ги избрале членовите на Судскиот совет за оцена на нивната работа во Советот. Мораме да најдеме некој тригер за да почнеме со одредена иницијатива, а законот ни го дава тоа право – рече Мицевски.
Тој не откри кои се следните механизми на дејствување во случај членовите на СС да не поднесат оставки и по изгласана интерпелација.
Меѓу причините за интерпелација на членовите на СС се наведува дека е поднесена заради недоследно спроведување на надлежности, особено заради негрижа, односно нарушување на угледот на судиите и загрозување и нарушување на довербата на граѓаните кон судството, а со тоа и на целиот правосуден систем, односно судството во целина.
Мицевски побара поддршка од сите опозициски парламентарни партии и сите пратеници за овие измени. Според него, за нивото на кое е СС, одговорен е опозицискиот СДСМ поради начинот на кој биле избрани членовите.
– Наместо да се занимаваа со проблемите во судството, СС се занимаваше со самиот себе. Нивната улога е да ја контролираат работата на судиите, а тие, видовте, правеа забава за широките народни маси на штета на правосудството во државата – рече Мицевски.
За обвинувањата од опозицискиот Европски фронт дека со разрешување на членовите ќе се изгубат парите од европската поддршка за судството, за Мицевски е поважно дека е изгубена довербата на граѓаните во правосудството.
– Треба ли да ја оставиме состојбата вака само за да добиеме одредени средства од ЕУ – реторички одговори Мицевски.
Опозицискиот СДСМ не се огласи откако власта ја поднесе интерпелацијата. Филипче вчера порача дека се потребни темелни реформи на правосудството кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда.
– Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот совет од власта. Барам следните чекори и реформи во правосудството да се прават со консензус на сите партии во Собранието – рече Филипче и побара формирање на заедничка работна група во Собранието кое ќе ги дефинира, контролира и заеднички спроведува реформите во правосудството.

Левица предложи воведување кривична одговорност за судиите
Пратениците на Левица поднесоа Предлог-закон за дополнување на Кривичниот законик со кој предлагаат воведување кривична одговорност за судиите. Се предлага во Кривичниот законик, по членот 353 в, да се додаде нов наслов и член што гласи – „кршење на законот од страна на судии“.
– Ова решение е потребно, бидејќи предолго во Македонија никој не поведува одговорност за тоа што граѓаните го мислат и тоа што нè носи до погубни резултати. Овој закон не е против судството, туку против корупцијата во судството – рече пратеникот Амар Мециновиќ и побара поддршка од сите пратеници.