
Вистина или заблуда: Чоколадо наутро може да помогне во согорување на масти и намалување на шеќерот во крвта
Долго време чоколадото важеше за „забранета намирница“ за сите кои внимаваат на телесната тежина или шеќерот во крвта. Но, новите научни истражувања покажуваат дека не е важно само што јадеме, туку и кога го јадеме, а утринското чоколадо може да има и одредени здравствени придобивки, пишува „Е-клиника“.
Препорачано
Истражувачи од Универзитетот во Мурсија (Шпанија) спровеле клиничко испитување на 19 жени во постменопауза со нормален индекс на телесна маса. Девет недели тие имале различни режими на исхрана:
- во една фаза јаделе 100 грама чоколадо наутро (час по будењето),
- во друга – навечер (час пред спиење),
- а во контролна фаза – без чоколадо.
Сто грама чоколадо претставувале околу третина од дневниот внес на калории (542 калории). За време на експериментот биле следени телесната маса, обемот на струкот, навиките во исхраната, физичката активност, спиењето, нивото на кортизол и состојбата на цревната микробиота.
Без зголемување на тежината, и покрај дополнителните калории.
Утринско чоколадо – намален обем на струкот, подобро согорување масти и пониски вредности на шеќер во крвта.
Вечерно чоколадо – зголемена физичка активност (+6,9 отсто) и намален апетит, особено желбата за слатки.
Во двата случаи – спонтано намалување на вкупниот внес на калории за околу 16 отсто.
Промени во микробиотата: вечерното чоколадо го зголемило производството на корисни масни киселини (SCFA), поврзани со подобро варење и метаболичко здравје.
Научниците истакнуваат дека флаванолите и метилксантините од какаото (епикатехин, катехин, теобромин) ја зголемуваат термогенезата и согорувањето на масти – особено кога се внесуваат наутро.
Кај испитаниците е забележано и намалување на гликозата на празен стомак. Ефектот се објаснува со тоа што какаото го забавува варењето на јаглехидратите и го спречува наглиот скок на шеќер во крвта, што може да биде значајно во превенцијата на дијабетес тип 2.
Сепак, ова истражување било мало (само 19 жени) и краткотрајно, па научниците нагласуваат дека се потребни пошироки и подолги студии за да се потврдат наодите.
Тоа не значи дека треба секое утро да јадете чоколадо во неограничени количини. Но, умерената консумација на темно чоколадо со висок процент на какао, вклучена во здрав начин на живот, може да донесе повеќе корист отколку што мислиме.
Со други зборови, чоколадото не мора да биде „забрането овошје“. Ако го изберете вистинското време и умерена количина – може да биде сојузник, а не непријател, на вашето здравје.