Profimedia
Фото: Профимедиа

Висок притисок и шумови во ушите се само некои од последиците од држењето на главата надолу

Сѐ позачестеното користење на дигиталните медиуми, а паралелно со тоа и сѐ пореткото движење, негативно се одразува на држењето на телото, особено кај децата, предизвикувајќи, пред сѐ, болки во вратот – подрачјето помеѓу лопатките и рамениците.

Позицијата на телото што се зазема при гледањето во екраните на дигиталните апарати, односно наведнувањето на главата и вратот нанапред во однос на остатокот од телото, кое официјално се нарекува протракција, како и лесното наведнување на главата на страна, влијае на тоа како телото на детето понатаму ќе се развива и ќе расте, предупредуваат педијатрите.

Тие поради зачестеноста на ваквите здравствени тегоби во својата пракса вовеле и нов термин – text neck – кој означува болки во вратот и грчеви кои настануваат токму поради постојаното наведнување на главата надолу.

Статистичките податоци покажуваат дека веќе при благо свиткување на главата нанапред, за само 15 степени, вратот се оптоварува како на наго да сте ставиле товар од 27 кг, а повторувањето на исти активности нужно доведува до дегенеративни промени на ‘рбетот.

Денес, секој трет човек на возраст до 25 години, страда од болки во вратот, рамениците и рацете поради користење мобилен телефон и компјутер, а многу млади луѓе се лекуваат од ишијас кој порано беше болест на средовечните и постарите лица.

Целиот ‘рбет е обложен од двете страни со многу силни мускули – еректори, кои го поддржуваат јадрото. Ако тие мускули не се активни, што се случува додека седиме, со текот на времето слабеат и на крајот предизвикуваат болка во ‘рбетот. Намалувањето на времето кое се минува гледајќи во екраните на мобилните телефони и компјутери, е првиот чекор кој ќе спречи идни непријатности и воспаленија, а корисно е да се знае и дека држењето на телефонот на висина на очите помалку го напрегнува вратот. Исто така, подобро е да се куца со две, наместо со една рака, од причина што тоа помалку го оптоварува палецот, кој во спротивно и куца и го придржува телефонот.

Лошото држење, особено протракцијата на главата доведува до висок притисок, главоболки, шум во ушите, нарушување на дишниот систем и работата на тироидната жлезда. Тоа не чуди ако знаеме дека на главата се наоѓаат сите „сензори“ за преживување, а кога ќе се наруши циркулацијата во тој дел, доаѓа до нарушување на дотокот на хранливите материи кон ткивата и органите, зголемена напнатост во сите структури, дисбаланс на севкупниот локомоторен систем…

Освен веќе спомнатите болки во вратот, рамениците и подрачјето меѓу лопатките, протракцијата на главата е во директна врска и со сколиозата, проблемите со лумбалниот дел на ‘рбетот, како и со проблемите со дисковите. Имено, дисковите се „хранат“ со движење, а ако физичката активност изостане, а циркуалцијата е веќе нарушена поради протракцијата на главата, доаѓа до дехидратација на дисковите и нивно стеснување, а на крајот и до притисок на нервот и болка.

Ако имате протракција на главата, лесно можете да дознаете со едноставен трик: заастанете со петите покрај ѕидот, а истото направете го и со карлицата како и со лопатките. Ако во таква положба не можете да го допрете ѕидот со задниот дел на главата, потенцијално имате проблем и би било добро да се јавите кај лекар и, секако, да почнете повеќе да се движите. Една од техниките со која се санира протракцијата на главата е и техниката на обратно истегнување (reverse movements), која може да ве научи секој терапевт.

Една од вежбите е и следната: со испружени нозе и споени стапала потпрете се на лактите и подлактиците. Дланките нека ви бидат под задникот. Отворајте го и поткренувајте го градниот кош истовремено спуштајќи го темето кон подот (наназад), издолжувајќи го и опуштајќи го вратот. Добри се и вежбите од јога, тигар и мачка, како страничното истегнување врата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот