Рајфајзен банк Австрија / Фото: EPA/YURI KOCHETKOV

Виена против Брисел – „Рајфајзен“ во центарот на нова расправија

Австрија бара измена на санкциите кон Русија за да ѝ овозможи на „Рајфајзен банк“ компензација за загубите што ги има во Москва, користејќи замрзнат руски капитал во Европа. Предлогот предизвикува остри реакции во Европската Унија, бидејќи многумина стравуваат дека тоа би го ослабнало санкцискиот режим и би создало опасен преседан. Спорот ја открива длабоката поделба во Унијата меѓу економските интереси и политичките принципи.

Во Брисел деновиве се водат интензивни и тивки разговори меѓу земјите членки на Европската Унија околу нов пакет санкции кон Русија и идната финансиска помош за Украина. Иако преговорите се тајни, во јавноста протече информација дека Австрија настојува да издејствува измена на санкциите која би ѝ помогнала на „Рајфајзен банк интернешнл“, една од најголемите банки во земјата со значително присуство во Русија.

Банката се соочува со сериозни проблеми откако руските власти ја сметаат Австрија за непријателска држава. Суд во Москва донесе политички мотивирана одлука со која „Рајфајзен банк интернешнл“ треба да исплати две милијарди евра отштета. Австрија во Брисел предлага решение според кое западни компании кои трпат штета во Русија би можеле да бидат обесштетени преку руски средства замрзнати во Европската Унија.
Во случајот со „Рајфајзен“, тоа би значело дека банката може да добие компензација преку преземање на дел од градежната компанија „Штрабаг“ кој му припаѓа на фирма поврзана со рускиот олигарх Олег Дерипаска. Овој удел моментално е блокиран поради санкциите, а Виена сака токму тој имот да се „одмрзне“ и да ѝ се пренесе на банката како надомест за загубите во Русија.

Австриското Министерство за надворешни работи објасни дека целта не е ублажување на санкциите, туку спречување на „двојна корист“ за Москва, бидејќи Русија го одзема австриското богатство во својата држава, а руските средства во Австрија остануваат недопрени. Сепак, други земји членки гледаат на овој предлог со големо сомневање.

Силен отпор од Источна Европа

Бројни членки на Унијата, особено Летонија и Литванија, остро се спротивставуваат на австриската иницијатива. Тие сметаат дека ваквата мерка би отворила опасен преседан и би го ослабнала притисокот врз Кремљ. Ако замрзнатите руски средства се користат како надомест за западни компании, велат тие, Москва би можела да ги национализира и останатите странски фирми во Русија знаејќи дека Европа повторно ќе плаќа со конфискација на руско богатство.

Летонското Министерство за надворешни работи предупреди дека е крајно важно да не се создаваат преседани што би можеле да водат кон идно олеснување на санкциите кон Русија. Наместо тоа, бараат заострување и проширување на мерките против руската економија и политичките елити. Тие потсетуваат дека Европската централна банка уште минатата година ги повика европските банки да го намалат своето присуство во Русија и дека „Рајфајзен“ имала доволно време да се повлече, но не го сторила тоа.

Отпор не доаѓа само од странство. Во австрискиот парламент, Зелените најавија парламентарно прашање до министерката за надворешни работи Беате Мајнл Рајзингер, барајќи да се објасни дали и какви разговори водела владата со раководството на банката и дали имало консултации со американските санкциски власти. Пратеничката Нина Томасели оцени дека владата се става во служба на приватни корпоративни интереси и ја поткопува солидарноста со Украина.

Поддржувачите на предлогот пак сметаат дека би можел да има и позитивен ефект за австриската економија. Доколку уделот на Дерипаска во „Штрабаг“ биде навистина ослободен, тоа би го исчистило угледот на градежниот гигант кој моментално се соочува со ограничувања во некои земји поради санкционираниот сопственик. Така, според нив, би се зајакнала транспарентноста на компанијата и би се избегнале идни деловни проблеми.

Како и да заврши оваа дипломатска пресметка, таа повторно ја открива длабоката поделба во Европската Унија околу односите со Русија. Австрија инсистира дека штити легитимни национални интереси, додека источните земји гледаат опасно приближување кон Москва. Решението се очекува на крајот на октомври, кога лидерите на Унијата ќе одлучат дали ќе го прифатат австрискиот предлог или ќе останат на постојниот, построг режим на санкции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот