
Видеоспотот за синглот „Кула“ го најавува концертот и новиот албум на „Луфтанза“
Милениците на младата музичка публика „Луфтанза“ со својот прв, вистински, самостоен концерт ќе го промовираат новиот албум „Далеку од вистинското нешто“. Концертот ќе се одржи на 30 март во скопскиот клуб „Станица 26“. Како гости на концертот ќе настапат дуото „Алембик“.
Препорачано
Албумот ќе излезе под етикетата на новооснованата издавачка куќа „Мртов коњ“ на Колектив „Гола планина“. Пред десетина дена беше објавен и видеоспот за првиот сингл со наслов „Кула“ од новиот албум.
Спотот е снимен по сценарио и во режија на Марко Печеновиќ, снимател е Мирослав Илиќ, а на монтажата заеднички работеа Печеновиќ и Илиќ. Костимите и реквизитата се на Елена Билбилоска, а главен лик во спотот е Филип Лафазановски.
Скопскиот концерт на „Луфтанза“ практично ќе ја отвори нивната европска турнеја, која ќе почне со настап во клубот „Југошпед“ на 1 април во Белград, а потоа ќе продолжат во Будимпешта, Краков, Талин, Рига, Вилнус, Варшава, Вроцлав и во Љубљана, каде ќе настапат на 13 април.
– Имаме многу новости! Полека ги береме плодовите на другарскиот труд, со многу љубов и желба за добри денови – истакнуваат од „Луфтанза“, во чиј состав се Раде Биковски (бас), Иво Николовски (гитара, синт и понекогаш вокал), Лука Јованоски (гитара и вокал), Андреј Димовски (гитара и вокал), Виктор Стојановски (тапани) и Мартин Џорлев (вокал и гитара).
Бендот „Луфтанза“ се едни од предводниците на новиот бран на македонската рок-сцена. Тие се меѓу основачите на Колектив „Гола планина“, каде заеднички и другарски функционираат дваесетина нови и млади македонски бендови.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 223, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24.3.2024)