
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Владимир Божиновски: Не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе изгласа уставни измени без одложено дејство
Граѓаните се во исчекување од ветувањата дадени од новата власт, а дали ќе бидат задоволни од тоа што е реализирано, ќе се види напролет. Во моментов ВМРО-ДПМНЕ има сериозна поддршка, која е дури и зголемена споредено со изборите, зошто има и одреден пад кај СДСМ, според мерењето што ние го објавивме пред еден месец, вели професорот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС).
Препорачано
– Не очекувам дека ќе има промена во тој сооднос во наредниот период, а напролет ќе се види дали новата влада ги исполнува очекувањата на народот и дали соодносот ќе продолжи, 3 спрема 1 е поддршката на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и од тоа ќе зависи дали тој сооднос ќе се смени, ќе остане ист, дали ќе се стабилизира – вели Божиновски.
Професорот не верува дека раководството на владејачката партија во моментов размислува за предвремени избори, иако за тоа постојат шпекулации.
– Кога имате многу сериозна предност меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и доколку е потребно одредено време за тие ветувања што ги даваше ВМРО-ДПМНЕ да бидат исполнети, тогаш не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ би сакал избори, со тоа што не би се постигнал никаков, би рекол, ефект во однос на тоа што е сега во моментов – додава тој.
Доколку владејачкото мнозинство во наредниот период се согласи на уставни измени без никакви гаранции, Божиновски нема никакви илузии дека многу негативно ќе се одрази врз рејтингот на владејачката партија.
– ВМРО-ДПМНЕ не го прифати „францускиот предлог“ како таков. Доколку има одредени промени како што тие бараат и како што впрочем народот бара, на пример одложено дејство, а има и други моделитети, нешто што на нас ќе ни покаже дека ова нема да биде само продолжување на серијата на бесконечни условувања, тогаш не само што нема да изгуби, туку може и да ја зацврсти поддршката. А јас не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе потпише нешто, како што им беше дадено на Ковачевски и на СДСМ. Не може инаку вие две години да одбивате да го гласате кога сте во опозиција, а истото тоа кога ќе дојдете на власт да го изгласате. Едноставно тоа не поминува кај народот – смета Божиновски.
Тој вели и дека како никогаш досега борбата со корупцијата е битна за рејтингот на партиите што се на власт.
– За прв пат прашањето врзано со борбата со корупцијата е многу поважно за граѓаните отколку економијата, којашто секогаш била број еден. Двата основни столба на новата влада се борба со корупција и развој на економијата. Има доволно време после една година од владеење на новата влада и новата коалиција, доколку има одредени движења во тој правец, во однос на тие реформи што се бараат од граѓаните, тогаш тоа ќе значи дека одиме во вистинска насока – тврди Божиновски.
Целото интервју проследете го на следниот линк: