
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Студентите најчесто пријавуваат некоректно однесување од страна на професор, вели Савче Ѓошева, студентска правобранителка на УКИМ
Кој е задолжен да се грижи за правата на студентите? Кој е поборник за нивните права? Како изгледа процесот на заштита на правата на студентите? За што најчесто се жалат студентите? На темата за правата на студентите и кој стои зад нив, зборувавме со Савче Ѓошева, студентска правобранителка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Препорачано
Савче Ѓошева е студентската правобранителка која веќе е во својот втор мандат во кој се бори за студентските права. Досега до неа имаат пристигнато повеќе од 50 претставки. Меѓу најчестите студентски проблеми за кои се бара поддршка од неа како тело се некоректните односи од страна на професорите кон студентите, студентскиот оброк, па дури и јавниот превоз.
– Најчесто биле од карактер на некоректно однесување на професор, но имаше и поплаки од самите факултетски и студентски собранија. Понатаму, имаше доста често поплаки од студентите за студентскиот оброк, кога не функционираше. Минатата година, имавме често такви случаи, па дури за јавниот градски превоз, исто така се реагираше. Мислам дека, сè уште постојат случаи во нашата академска зедница кои не се забележани и не се пратени до мене, а би требало да се пратат – рече Ѓошева, повикувајќи ги студентите на акција и поголема свесност.
На прашањето дали постои некој факултет кој доминира на полето на испратени претставки до студентската правобранителка, Савче одговори дека досега речиси од сите факултети пристигнуваат подеднаков број на претставки.
-Пристигнуваат поплаки од општествениот кампус, понатаму од Природно-математичкиот кампус, исто така од техничките факултети и отприлика се движат во ист број. Обично се за некои слични случаи, имаат слични елементи. Најчесто станува збор за некоректно однесување на професор – не му дал право да си го види испитот, студентот бил спречен да стигне на испит итн… – додаде таа.
Знаејќи дека корупцијата постои и во високото образование, студентската правобранителка апелираше да се пријави секој случај и да не остане незабележан.
– Мислам дека студентите, кога се работи за корупција, или не ја согледуваат доволно, или пак постои оној страв дека ќе пријават, а тоа нема да се реши или тие ќе бидат оштетени. Тука би сакала да апелирам, доколку ја согледуваат онаа корупција што се случува, тоа да не помине само со обичан секојдневен разговор помеѓу колегите, туку да се пријави. Тоа е сериозна работа која ќе треба да се реши во нашето општество. Знаеме дека постои во секоја пора на општеството, секаде е распространето и академската зедница не е имуна на тоа. Така што, можеби, корупцијата е намалена со текот на годините, а за ова постои и статистика, но онаму каде што постои, треба да се пријави. Дали станува збор за некаква уцена, принуда, поткуп, едноставно, мора да се пријави – изјави таа.