Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | СЛОБОДНО СО АГНЕСА: „Терапија за парови со Сања и Перо“

Што мислите, кој прави повеќе склекови – кошаркарската легенда Перо Антиќ или Сања Ристиќ, жената со илјада улоги? Ако мислевте дека одговорот е очигледен, размислете пак.

Во најновата епизода на „Слободно со Агнеса“, влеговме во домот на Перо Антиќ, поранешниот кошаркар и претседател на Македонската кошаркарска федерација, и неговата партнерка Сања Ристиќ, успешна маркетинг-менаџерка, сопственичка на компанија и кик-фит инструкторка.

Покрај разговорите за кариерата, семејството и предизвиците со кои се соочуваат, тие откриваат и една интересна домашна „расправија“ – кој прави повеќе склекови? Иако Перо важи за човек со спортска историја, и Сања е во одлична форма.

„Да бидам реална, во последниве две години, јас повеќе тренирам од Перо“, вели Сања, а Перо се согласи со неа и додаде дека ги сака „мрзливите вежби“ со кревање тежина, каде што не треба да се движи многу.
И двајцата се родители на момчиња, добиени со претходните брачни партнери – Сања има два сина, а Перо – три.

-Најстариот син наполни 18 години. Или станав млад татко или сега сум стар. Не знам како да се дефинира – вели Перо, смеејќи се.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Иако кариерата на Антиќ е исполнета со спортски успеси, во слободното време тој има едно сосема поинакво хоби. Наместо на кошаркарскиот терен, денес најмногу ужива во играње флипер.

-Јас си купив флипер и тоа ми е единствена занимација. Играв на ‘Плејстејшн’ до 2004 година, кога бев најдобар без конкуренција во играње ФИФА, а сега ме победуваат во секоја игра – па и во НБА. Сè уште ја чувам четворката, бидејќи ме има на таа игра и тоа ми е детско достигнување“, раскажа поранешниот кошаркар.

На прашањето „Кој е позабавен?“, Сања веднаш одговори: „Јас!“, а Перо за „мир во куќа“ се согласи со неа.
Исто така, Сања вели дека навистина ужива во работата на социјалните мрежи.

-Често добивам фидбек од следбениците на Инстаграм дека работите кои ги споделувам им помагаат. Многу ми е драго кога ќе видам дека, што и да сум споделила, некому помогнало. Затоа често знам да споделам и лични искуства, со цел да се изгуби онаа фама дека сè е совршено на Инстаграм – вели Сања.

-Станавме многу негативен народ. Но, за самите нас! За сите останати гости од страна сме најдобри, не постои подобар домаќин од Македонецот. Многу сме станати негативни – се радуваме само на успех, а не знаеме да дадеме поддршка кога ќе има неуспех-вели Перо.

Фото: Слободен печат / Драган Митрески
Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Што се однесува до спортските афинитети на нивните деца, сите момчиња имаат љубов кон некој спорт.
„Постариот игра фудбал, а помалиот покажува афинитети за пливање“, рече Сања, а Перо кратко додаде: „Најстариот кошарка, средниот кошарка, а најмалиот – фудбал“.

На тема емоции, Перо смета дека мажите знаат како да ги скријат тогаш кога треба.

-Како што жена знае да биде цврста, не знам колку еден маж може толку емоционално да издржи. Жените знаат да се справат со емоциите и да вклучат и рацио. А маж, кога вистински има емоции, рациото може и да му клапне“, смета Сања.

Интересно е дека Перо е колекционер на телефони и го чува секој уред што некогаш го купил.

-Сега да ми дадеш телефон на „Самсунг“ нема да се снаоѓам, а со Ајфон знам како и при возење. Исто како со „Нокиа 3310“ на времето“, рече тој и ни ги покажа телефоните кои ги поседува.

Ова интервју донесе многу многу смеа и искрен разговор за животот зад камерите. Освен за спортот и семејството, Перо и Сања во интервјуто открија и каква музика слушаат, кои филмови најчесто ги гледаат и што најмногу сакаат да јадат заедно.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот