„Семејство на пат“ – фото: приватна архива

ВИДЕОИНТЕРВЈУ: „Семејство на пат“ – големи авантури и настава од дома

Славица Савеска-Кењереш е родена и израсната во Скопје, но последните 13 години живее во Осло, Норвешка. По образование е дипломиран економист, но нејзината професионална приказна започнува во новинарските води.

За „Слободен печат“ го сподели своето патешествие и авантурите низ кои поминува патувајќи по светот со семејството.

Судбината ги однела на нов животен пат. Со текот на годините, Славица и Александар основале семејство и денес се родители на две ќерки, на возраст од 10 и 4 години.

– Откако ја добивме првата ќерка, ни се разбуди желбата за патување, па оттогаш до денес, значи во изминативе десетина години, имаме 18 заеднички патувања во странство – објаснува Славица.

Поголемиот дел од нивните патувања биле во Европа, но посетиле и подалечни дестинации.

– Најчесто патуваме низ Европа, но еве, од подалечните дестинации сме биле двапати на Флорида во Америка, во Доминиканска Република, Египет, Маурициус, Тајланд. Од европските дестинации, дефинитивно Шпанија ми е прирасната за срце – додава таа.

Оваа година семејството од Осло тргнува во својата најголема авантура досега – деветмесечно патување низ седум земји од три континенти. Планот вклучува долги престои во Тајланд, Виетнам, Малезија, Индонезија, Филипини, Шпанија и неколкунеделна пауза во Македонија.

– Нашата патувачка авантура започнува од Осло, каде што живееме, и најпрво доаѓаме во Скопје на неколку недели да се видиме со блиските што секогаш ни недостигаат и секогаш недостига време поминато со нив. А од Скопје продолжуваме кон Тајланд и оттаму одиме во Виетнам, Малезија, Индонезија, Филипини – вели таа.

„Семејство на пат“ – фото: приватна архива

Савеска ни објасни дека нејзината најмала ќерка ќе направи пауза од градинка, додека постарата, која е во петто одделение, ќе следи настава преку homeschooling.

– Четиригодишната ќерка ќе добие една година пауза од градинка и мислам дека таа, oсвен тоа што знае дека ќе патуваме, не е премногу свесна за тоа што ќе се случува. Меѓутоа, поголемата ќерка навистина се радува и едвај чека да почнеме со патувањето. Таа е во петто одделение, така што за време на нашето деветмесечно патување, ќе го замени она нормалното регуларно училиште со homeschooling – објаснува таа.

Сместувањата за време на патувањето ги резервираат преку „Ербиенби“. Целта им е да се чувствуваат како да се дома, а не во хотел.

– Училишната клупа дефинитивно ја заменуваме со некоја друга атмосфера, можеби на плажа – вели Славица со насмевка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот