Сабри Азири - Политичар / Фото - Слободен печат - Методи Здравев
Сабри Азири - Политичар / Фото - Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Сабри Азири: Членството на АА се противи на одлуката на Таравари

Сабри Азири важеше за еден од најблиските соработници на Арбен Таравари, довчерашниот министер за здравство во Владата и претседател на едно крило на Алијанса за Албанците (АА), но и еден од првите сопартијци кој јавно се огради од постапките на лидерот, наведувајќи дека не се слага со неговата одлука да ја напушти коалицијата Вреди и учеството во владината коалиција и во иднина, како што самиот вели, да биде во тесна корелација со ДУИ.

– Секогаш сум бил оној критичниот глас и човек којшто ја зборува вистината. Многу сакам да зборуваме за принципи и за правила. Нашите принципи, нашите правила кога на изборите баравме гласови од нашите граѓани за да направиме промена. Меѓутоа, цело време, наративот, лично мојот и на повеќето од нас коишто бевме многу активни во кампањата, беше не само да има промени, туку да има и разлика. Да не биде исто како порано. Обичниот граѓанин, нашите граѓани, да видат и да почувствуваат дека ние правиме нешто поинаку. Инаку не би имало смисла само да направиме промени. Тоа што сум го кажал по медиумите, сум го кажал јавно и во Централното претседателство. Јас сум член на Централното претседателство и јавно сум прашал може ли ние како партија, како структура, како луѓе, да имаме некоја формулација, некој слоган, некоја реченица, со што ние ќе одиме кај нашите граѓани, кај нашите гласачи, и да им кажеме зошто ние да одиме со ДУИ, бидејќи нашиот претседател до скоро викаше дека ние сме антипод на ДУИ – вели Азири за „Слободен печат“.

Тој смета дека уште по самото формирање на владината коалиција, како што беше објавено во весникот „Фокус“, Таравари на премиерот Христијан Мицкоски му понудил на местото на Вреди, во Владата да влезе коалицијата на ДУИ.

– Јас мислам дека целиот притисок, сите можни пречки за нашата партија почнуваат од тука. Затоа што знаеате каков беше наративот за време на изборите, дека ние сакаме да направиме промени. И после два-три месеци откако ние влеговме во Владата со коалицијата, понудено е да излеземе за на власт да дојде Али Ахмети. Тоа на Мицкоски му го понудил Таравари. И јас мислам дека предизвика многу големо незадоволство во Вреди – смета Азири.

Арбен Фетаи, актуелниот вицепремиер од редовите на Алијанса за Албанците јавно кажа дека ќе остане во коалицијата Вреди и во владата на Мицкоски и нема да тргне по стапките на лидерот, додека пратеникот Салим Сулејмани поднесе оставка на сите функции. Азири предвидува дека голем број партиски функционери, како и членови и симпатизери на АА нема да се согласат со неочекуваниот потег на Таравари и ќе останат верни на коалицијата Вреди.

– Има луѓе коишто сакат АА да ја приватизират и да ја шетаат лево и десно и мислам дека тоа не е убаво. Ќе видите, ќе има уште многу луѓе и многу претставници од ограноците на партијата коишто ќе излезат јавно и ќе се спротивстават на оваа одлука. Ова нема да застане тука, затоа што треба да имате силни аргументи. Дајте ни силни аргументи, нема никаков проблем. Сме се нафатиле за работата, да бидеме отворени за нашите граѓани, да бидеме фер, да бидеме тука за нив, да го дадеме најдоброто. Да, ние можеме да имаме недоразбирање меѓу нас, но граѓаните очекуваат дела, а не зборови – додава тој.

Азири е сигурен дека поголемиот дел од гласачите на АА нема да ги поддржат Таравари и неговите приврзаници доколку се официјализира коалицијата со ДУИ, бидејќи тие луѓе 22 години издржале во опозиција и сега, според него, мали се шансите тие туку така да го променат мислењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот