
ВИДЕОИНТЕРВЈУ: Од лабораторија за пиво до успешен македонски бренд – „Пиволабс“
„Пиволабс“ е идеја која прерасна во бренд. Приказната започнува во 2017 година, кога тројца пријатели кои правеле домашно пиво решиле да создадат нешто поголемо. Сакаат да донесат крафт пиво на македонскиот пазар, каде што ваквото пиво сè уште не е многу присутно.
Препорачано
Димо Попчев, еден од косопствениците на „Пиволабс“ ни ја опиша спонтаноста за креирање и експериментирање. Тоа биле првите чекори направени пред да излезат посериозно на пазарот.
-Ние си правевме пиво дома, си експериментиравме, и тоа беше убав период. Немаше кој да нè оценува, си правевме што сакаме – вели Попчев.
Во тој период почнала и ковид-пандемијата.
-Идејата беше да почнеме во 2020 г. Почнавме, иако ковидот ги забави работите. Но, ние продолживме – објаснува Попчев, покажувајќи дека и покрај пречките, не се откажале.

„Пиволабс“ има тројца косопственици, а воедно во тимот се приклучуваат уште двајца ентузијасти за пиво кои брзо се вклопуваат и почнуваат активно да учествуваат во производството.
-Кога влегов, уште при самиот влез видов перфектни машини и ферментори. Целата опрема ме фасцинираше – раскажува Дамјан Младеновски, кој во тоа време студирал, а сега е „brewmaster“ и одговорен за производство.
Младеновски додаде дека брзо се прилагодил учејќи ги машините и целиот процес на производство.
-Многу брзо навлегов во процесот на варење. За три месеци научив сè што ми требаше.

Денес, „Пиволабс“ произведува околу десет видови пиво – од класични до невообичаени вкусови.
-Во палетата имаме пива со ванила, кафе, па дури и луто пиво, бидејќи и тоа ми е омилено – објаснува Марко Илиевски – дистрибутер и одговорен за производна амбалажа, зборувајќи за нивната желба да експериментираат и да понудат нешто различно што досега не се понудило во Македонија.

Пивото се прави од природни состојки. Нема вештачки бои, ниту адитиви.
-Секое пиво што го правиме, го правиме со природни суровини. Не додаваме никакви вештачки бои или адитиви – додава Попчев.
Суровините ги увезуваат од Белгија, Словенија и Франција. Самиот процес трае неколку недели, со внимателно одржување на температури и притисоци.
-Интересно ми беше и одржувањето на температурите и притисоците во ферменторите – таму пивото буквално се раѓа – објаснува Младеновски.
Секое пиво има уникатна етикета и визуелен идентитет според вкусот и стилот на пивото.
