
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Најстарото шимпанзо во светот „пензионерката“ Мими живее во ЗОО Скопје
Кое е вашето омилено животно од Зоолошката градина – Скопје? Дали знаете како се вика, колку години има, од која земја потекнува и кога за првпат бил донесен тој вид, таа единка кај нас? Нашата Зоолошка постои од 1926 година и низ годините се развивала просторно, а растел и бројот на животните. Денес при посетата на Зоолошката градина можете да се запознаете со стотици разновидни единки, а секоја од нив крие посебна судбина.
„Слободен печат“, низ овој серијал, кој го нарековме „Лична карта на жителите на ЗОО Скопје“, ќе се обиде да ви ги доближи нивните приказни, нивните карактери и чувства. Ќе се обидеме да ви овозможиме да дознаете што јадат и која е нивната омилена храна, ќе дознаете нешто ново и забавно, поврзано со омилените сожители во главниот град.
Препорачано
Најстарото шимпанзо во светот живее во скопската Зоолошка, се вика Мими и има 62 години. Низ оваа епизода ве запознаваме со мудрата Мими, кроткиот Изи и темпераментниот Коко. Мими е кај нас веќе пет години. Таа во животот поминала „низ сито и решето“.
– Мими како мала била исфрлена од циркусот каде што живеела бидејќи била многу болна. Оттаму животот ја носи во градинарски центар каде што живеела неколку години, па затоа и денес многу сака цвеќиња. Таа е многу грижлива и неретко знае да ги смири Коко и Изи кога се караат и тоа со прегратка – вели за „Слободен печат“ ЗОО негувателката Билјана Перевска Бојчевска.
Бојчевска раскажува за тоа дека и Изи носи тешка судбина со себе.
– Тој бил купен од трговец на диви животни од Африка и донесен во Виена заедно со неговата сестра Роси, но не стигнале до Виена, бидејќи биле конфискувани на аеродромот од каде биле пренесени во зоолошката градина во Шонбрун со цел да им се врши медицински третман. Долги години се решавало за нивната судбина и по законските лавиринти. Во меѓувреме Изи и Роси биле во многу лоша здравствена состојба. За среќа, правдината излегла на виделина, а тие имал среќа да бидат префрлени во Центар за спасување. Според името на Изи (Хиасл) во 1898 година е донесен закон за човеколики мајмуни – објаснува таа.
Скопјанецот Коко има 29 години и е најтемпераментен од сите. Тој сака да доминира и тоа го забележавме и ние додека снимавме.
– Иако е најмал тој е најдоминантен. Коко е роден кај нас, но сите знаете дека 10 години беше на лекување од депресија во Холандија. Тој знае да биде малку агресивен, ако не сака друштво во тој момент, па се случува да земе камен или земја во раката и да замавне надвор. Со Коко славиме роденден на ист ден и тогаш овде правиме забава – вели нашата соговорничка.
Целото видео за шимпанзата погледнете го во продолжение на видеото: