Максим Димитриевски-градоначалник на Куманово / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Максим Димитриевски: На наши членови им се испраќаат пораки од СДСМ, им велат „вратете се назад“

Со погубните политики на меѓународен план и сите оние грешки што ги правеа, корупцијата што ја предизвикаа, a декларативно претходно се бореа, јас тогаш, расчистив со нив во моменти кога раководство на СДСМ беше во зенитот на моќта. Излегов пред четири години на избори заедно со граѓаните по моделот за нашето Куманово. Не е битно дали сакале или не сакале да ме поддржат, мојата одлука беше јасна, јас тогаш ги информирав, многупати сум говорел на таа тема, дека ќе соберам потписи и ќе се кандидирам, им оставив простор за соработка. Но, за жал, тоа се тие. Секогаш, по секој неуспех и лош резултат, тие грешката ја гледаат и ја бараат кај другиот, а не во сопствените редови. Веднаш потоа следуваа и претседателски и парламентарни избори и, за жал, тие повторно не ја увидоа грешката и ги повторија резултатите – одговара Максим Димитриевски, лидер на движењето ЗНАМ, прашан за неговиот однос со водечките луѓе на неговата поранешна партија СДСМ.

Во интервјуто за „Слободен печат“, Димитриевски се осврна и на новиот лидер на СДСМ Венко Филипче, за кого смета дека е продолжена рака на поранешниот претседател Зоран Заев.

– Од наша страна, како што знам, беше даден отворен апел да го остават клучот на „Бихаќка“ под чергиче, да одиме, да отвориме и да ја реформираме партијата, бидејќи некогаш била државотворна. Но, дојде старо-ново раководство, не по врат по шија, Венко Филипче денеска е таму, првиот соработник на Зоран Заев. Тој на ист начин ја менаџира партијата, со потполно исти луѓе, тоа е едноставно ист лидершип, со еден ист ментален склоп. И видете, да биде лицемерието поголемо, тие деновиве ги повикуваат членовите на ЗНАМ да се вратат назад, и дури им се јавуваат со СМС-пораки на телефон и им пишуваат – вратете се назад, простено ви е. Барем да го направат тоа, па да се јават, да им се извинат за грешките, и да им кажат, повелете назад, се коригираме. Не, тоа е една иста матрица, тие сметаат дека светот се врти околу нив – вели тој.

Димитриевски смета дека би било добро тој да се појави на ТВ-дуел со Филипче, за двајцата во живо да дебатираат околу работите за кои не се сложуваат.

– Сметам дека оваа тема заслужува многу повеќе и за да се разјасни тоа скриено лицемерие на самопрогласениот лидер на опозицијата, господинот Венко Филипче, повторно во оваа пригода, овде кај вас, го повикувам на еден телевизиски дуел, нека избере телевизија, место, локација, може и кај вас, а ако не сака да прифати, може тоа да го организира и во седиштето на СДСМ и заедно со него да го донесе пред публика на СДСМ и господинот Заев за да дебатираме отворено на сите овие теми, бидејќи како тие ја управуваат таа партија денес, вистинското членство на СДСМ тоа не го заслужува. Секогаш кога сум бил таму, сум се борел дека СДСМ не може да биде приватна фирма, но, за жал, се трансформираше во акционерско друштво на поединци – додаде тој.

На претстојните локални избори тој ќе го побара третиот градоначалнички мандат од кумановци, во кој вели ќе ги доврши сите работи за кои се немало време или доволно средства за да бидат реализирани.

– На Куманово му недостасуваат нови шеталишта, нови детски градинки, реконструкција на училишта, досега направивме 16 реконструкции од вкупно 26, да се дореконструираат сите, да се дочисти градот, затоа е потребно подигање на капацитетите, на јавните претпријатија што ги затекнавме во долгови до гуша, затекнавме општина што е финансиски блокирана, со неплатени долгови кон УЈП, за набавка на вода во период 2004, 2006, 2009, 2012. Општините тогаш беа во катастрофална состојба, а Куманово должеше некаде 15 милиони евра и беше целосно финансиски блокирано. Го деблокираме Куманово во првиот мандат и почнавме да реализираме посериозни капитални проекти – вели Димитриевски, кој вели дека во третиот мандат би сакал да му се посвети на централното градско подрачје, со цел да му го врати боемскиот лик на градот.

Во интервјуто тој ги отфрла обвинувањата за албанофобија, сигурен е дека владината коалиција ќе продолжи да функционира и по изборите, а очекува победа во првиот круг од локалните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот