
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ланговска : Мојата природа ме натера да експериментирам повеќе
Емилија Ланговска е архитектка од Скопје со искуство во визуелен дизајн, дигитален маркетинг и менаџирање креативни проекти. Позната е по својот препознатлив и ексцентричен стил и по начинот на кој комбинира различни сфери во нејзината професија.
Препорачано
Завршила архитектура на додипломски студии во Милано и магистерски студии во Барселона. По враќањето во Скопје, почнува да работи во креативното студио „Преплет“, каде што веќе осум години е дел од тимот како дизајнер и проектен менаџер.
Паралелно со тоа, работи и самостојно на проекти поврзани со ентериер дизајн и архитектонски консултации. Во нејзината професија има доволно предизвици кога станува збор за соочување со предрасудите кон една жена во професијата.
За неа, тоа што жените се дел од физички потешки задачи, не треба ни да биде тема за разговор.
– Многу често се случувало и во случаи каде што нè гледаат, три девојчиња, две девојчиња, земаме, носиме, товариме, ставаме, кога станува збор па и за сè што правиме, и во „Преплет“, многу често има тешки работи што сами ги носиме и ги тегнеме. „Кааааде, две девојчиња, вие!“ Често ги има и многу е неочекувано, меѓутоа гледаме во денешно време да игнорираме – објаснува Ланговска.

Иако формално е архитектка, наместо да се држи до една професија, одлучува да истражува и други креативни области опишувајќи се како визуелен дизајнер.
– Многу бев желна и решена да се пронајдам како архитект. Меѓутоа, мојата природа ме натера да експериментирам повеќе и да навлегувам во повеќе сфери – додава таа.
Прво влегува во графички дизајн, а потоа и во дигитален дизајн и UX/UI. Клучна точка за неа била одлуката да не работи како архитектка со полно работно време, туку да се приклучи на креативното студио „Преплет“ и да се движи низ повеќе дисциплини.

Денес работи на неколку нови архитектонски проекти поврзани со уредување ентериери и консултации.
– Целата таа комбинација ми прави сега да согледам една предност кај мене – што ми дозволува да ја гледам големата слика кога работам проект во која било од овие сфери – вели таа.