
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Кике Цветче и Иван Ајнштајн: Љубовта бара труд и соочување со болката и предизвиците
Иако поприлично млади, Кике Цветче и Иван Ајнштајн, прекрасен пар, јутјубери, имаат одличен начин преку својот личен пример, отворено да зборуваат за љубовта и за сите предизвици кои таа ги носи со себе. Се познаваат десетина години, а велат дека чувството е како тоа да е отсекогаш. За првпат пред камерите на „Слободен печат“ разговаравме на тема љубов, слобода, заедништво и индивидуалност, сето тоа испреплетено во животите на овие двајца млади луѓе.
Препорачано
– Првото сретнување, првата комуникација што ја имавме беше толку природна, спонтана и како душите да ни се препознаа во тој момент, така се чувствувавме и на двајцата ни беше и чудно и убаво што го искусуваме тоа. И кога си зборувавме за почетоците, кога се запознавме, ни беше нејасно како можеш да се чувствуваш како да знаеш некого толку долго, цел живот, а сме се виделе три пати – вели Кике.
– Не помнам од кога се знаеме, но се чувствувам како да ја знам цел живот. Од почетокот некако се чувствувавме како деца и можеби заради тоа сега се чувствувам како да се знаеме од деца. Како да сме растеле заедно, па и растевме заедно, затоа што тоа ни беше некоја фаза на созревање на двајцата. И заедно ја поминавме таа фаза. Така што си влијаевме многу еден на друг. И заради тоа сме доста слични. А на старт кога се запознавме бевме како … зошто се засакавме ние двајца кога немаме никакви заеднички интереси? И беше многу чудно, јас, рапер, таа нешто слушала, одела на свирки, книжевник е, значи врска немаше, ни една допирна точка немаше меѓу двајцата нас. Но, како што растевме заедно, нè интересираа само исти работи толку многу, што не можевме да правиме ништо одделно. И сè уште понекогаш се бориме со тоа – вели Иван.
Зборувавме и за еден од најчестите проблеми меѓу паровите, таканареченото „себепозиционирање“ или почитување на својата, но и слободата на другиот. И за Кике и за Иван тоа било процес, кој заеднички го надминале и сега уживаат во резултатите на добрата комуникација и взаемното разбирање.
– Јас бев навлезена толку многу само во „заедничкото“, што имаше година, две, можеби и повеќе, кога го имав изгубено „индивидуалното“. Беше поголем предизвик да си го пронајдам моето „индивидуално“, бидејќи кога тој сакаше да даде малку повеќе фокус и на „индивидуалното“ јас бев таа што се лутеше, таа што стигна до тоа „па јас сега не знам што да правам со себе, ако не правам работи со тебе“. Но, го надминавме тој фазон, бидејќи на крајот на денот, сакавме нашата љубов да расте и да трае, а тоа бара труд, соочување со болката и со предизвиците што произлегуваат. Секогаш најдобриот начин за решавање на тоа ни било комуникација и седење со болката, размислување зашто и од каде доаѓа таа болка во мене и таа празнина во мене. Мене ми требаше тој простор и слободата што тој ми ја даваше, а јас не си ја земав, бидејќи самата не си ја давав, за да откријам што мене ме исполнува, тоа што било потиснато во мене. Оваа година мислам дека го искусуваме врвот на слободата, меѓусебно – искрено за своите чувства зборуваше Кике.
Од пред една година тие заедно го започнаа љубовниот поткаст „Love make sense“ во кој зборуваат за своите предизвици и начинот на кој ги решаваат.
– Не дека ние сме некои гуруа на љубовта, и ние не знаеме, само споделуваме како сме се справиле во такви ситуации. Затоа што, колку и на некој да му изгледаат неговите ситуации како да се уникатни, единствени, да не речам најлоши, вистината е дека на скоро сите парови им се случуваат доста слични работи. Сите тие „трагедии“ им се случуваат на сите и важна е само волјата за тоа дали и како ќе се надминат. Така што ние приватно почнавме да ги споделуваме сите тие наши искуства, како сме ги надминале, и оттука ни дојде идејата дека можеме ова да го правиме за целиот народ, да им помогнеме на сите што сакаат да им биде помогнато – вели Иван.