
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Игор Џамбазов: Бебињата се нешто најчисто и најискрено, но штом проговорат, се раѓаат предрасудите
Предрасудите се товар што сите го носиме, но ретко кој се осмелува гласно да зборува за нив и за начинот на кој можеме да се ослободиме од тие невидливи окови. Игор Џамбазов, актер, музичар и човек кој секогаш ја освојува јавноста со својата искреност и неповторлив шарм, во новото интервју за „Слободен печат“ зборува токму на оваа тема. Поводот е кампањата на „Македонски телеком“ – „Никој не се раѓа со предрасуди“, чиј амбасадор е токму тој, а суштината ја споделува преку лични ставови, животни искуства и пораки што секој од нас може да ги препознае.
Препорачано
– Тоа е спот направен од една крајно одговорна општествена фирма, тоа е некако и мисија на големите фирми да помагаат за подигање на општествената свест, а ќе се сложиме дека предрасудите се навистина кај нас, на скала од 1 до 10, ние сме 11. Не велам дека не постојат предрасуди во Белгија, во Јапонија и во Аргентина, ама тоа во Европа, посебно на Балканот, на ниво на наука се донесени. И затоа и прифатив и сакав да видам дел од нешто вакво. Јас како уметник, моето постоење го сфаќам како мисија. И секогаш кога ќе видам дека има нешто интересно, со што можам да го подобрам квалитетот на животот, да помогнам во тоа, секогаш прифаќам. Ова ми беше голем предизвик и многу сум среќен што така тоа излезе. Само кај мене на инстаграм-профилот го имаат гледано над 500 000 луѓе, тоа за Македонија е огромна бројка. Од тие 500 000 луѓе не сретнавме недоличен коментар, што ни даде и една нова идеја да поработиме и на некоја друга тема, затоа што очигледно оваа тема им ги отвори очите на многу луѓе, што до сега, на овие проблеми со предрасудите гледале како на нешто што е секојдневно, нешто што ние си го имаме во нашиот ментален склоп, во нашиот ген … Не е така. И затоа е многу јасна рекламата. Предрасудите се учат, не се раѓаш со предрасудите. Затоа се одбрани бебињата како нешто најчисто, како нешто најискрено. Само тогаш си веруваат едни на други, но штом проговорат, штом сфатат кој како се вика, од какво милје доаѓа, од која националност е, од која раса е, која му е верската определба и така натаму, полека, полека … се раѓаат предрасудите – вели Џамбазов.
Но, разговорот со Џамбазов не застанува тука. Во својата препознатлива, на моменти духовита, а на моменти длабоко емотивна нарација, тој ни раскажува за своето прибежиште во Дојран – местото кое стана негов втор дом, извор на мир и „полнење батерии“. Моравме да ја споменеме и Ферхунде, кучето кое е дел од неговото секојдневие и верен придружник кој внесува безусловна љубов и радост во неговиот живот.
– Ферхунде ми го спаси и животот. Ме извлече од креветот. Мора да ти кажам една работа, ова не сум го кажал никогаш, да бидам искрен, јас секогаш кога ќе дојдам дома, веднаш одам во хоризонтала. Јас не знам дома да седнам на трпезариска маса и да се напијам кафе. Ферхунде ме натера да сум поактивен, добро се чувствувам, ја шетам, сега се и убави моменти за шетање. Есен и пролет во Скопје се прекрасни, кратко траат, ама се прекрасни. Инаку Ферхунде, ја зедов од село Сретеново, каде што живеев, додека ми се правеше куќата, ја гледав по цели денови од терасичката, видов како ја малтретираат, како не ја играат, како не стигнува до храна … И еден ден „ми пукна филмот“, купив двојна порција пилешки стек ѝ го дадов, и од тогаш сме неразделни. Се сеќавам одлучив да ја вдомам, ама имав шест дена обврски во Скопје и ги замолив жените кои работат во ресторанот отспротива, да ја причуваат 5-6 дена. Двете беа од турска националност, бидејќи има две-три села каде што живеат турци во дојранскиот округ, и во нивна чести ја крстив Ферхунде како едно од најпознатите ликови на турските серии, кај нас „Кога лисјата паѓаат“ – раскажува Игор за неговата прва средба со Ферхунде.
Не изостанаа ниту приказните за професионалните предизвици, новите ангажмани и идните планови. Џамбазов зборува за тоа што го инспирира, што го движи напред и како гледа на сопствениот пат во годините што доаѓаат.