Д.р Сашо Дохчев / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дохчев: На 42 години е починат најмладиот пациент со карцином на простата

Колку од мажите редовно одат на контроли? Колку е опасен карциномот на простата? Кои други карциноми се појавуваат кај мажите? Во ноември, месецот на машко здравје, во утринската емисија „Слободен печат“ разговараме со доктор Сашо Дохчев од Универзитетската клиника за урологија.

Според официјалните податоци, околу 400.000 мажи годишно заболуваат во Европа од карцином на простата. Од нив скоро половина завршуваат фатално. Во Македонија годишно се откриваат седумдесетина нови случаи.

– Во месец ноември ние уролозите сме многу посакувани гости за да зборуваме за машкото здравје. Но не треба да се чека ноември, треба да се зборува во текот на цела година. Официјалните бројки, за жал се големи.

Секоја година се зголемува бројката на заболени.

Причините не ги знаеме, но мора да работиме на превенција бидејќи ако на време се открие карциномот, тој се лекува. Дали ќе биде со операција или со терапија, доколку се открие во рана фаза, излечивоста е 96% проценти – вели Дохчев.

Тој објаснува дека најдобро е да се открие во рана фаза, затоа се препорачуваат превентивни прегледи кај сите мажи над 40 години.

– Иако тоа е рана возраст од мое лично искуство, ќе кажам барем над 50 години да се почне со превентивен преглед.

Прегледите се едноставни, затоа граѓаните воопшто не треба да се плашат да дојдат на преглед. Прво анамнеза, лабораториски анализи на урина и на крв, тумор маркер ПСА, ехосонографски преглед – вели Дохчев.

Тој вели дека урологот го прави најважниот преглед, дигито-ректална екзаминација каде ректално се прегледува простатата. Прегледот е незгоден, но искусен уролог може така да даде најпрецизна дијагноза.

– Секој маж треба да се јави на преглед еднаш годишно. Ако има симптоми како нарушено мокрење, пациентот треба веднаш да се јави на лекар.

Други симптоми се зачестено мокрење, испрекинат млаз, неконтролирано капење на урина. Почести се бенигните заболувања – вели Дохчев.

Тој објаснува дека се зголемува бројот на оперативни зафати на простата, скоро секој ден на нивниот оддел има операции. Најмладиот пациент кој е веќе починат од карцином на простата бил на возраст од 42 години. Колку е помлад пациентот, толку е поагресивен карциномот и веднаш дава метастази.

Кај мажите се појавува и карцином на тестиси. Едниот од нив е многу канцероген таканаречен семином, а другите се несеминомски карциноми.

– Ако се појави карцином на тестиси мора да се извади тестисот. Овде да напомнам дека сите мажи кои имаат неспуштен тестис треба многу да внимаваат. Тие тестиси кои се неспуштени и понатаму ако останат длабоко во организмот, недостапни на палпација, многу често развиваат карциномско заболување – вели Дохчев.

Тој им препорачува на родителите посебно да внимаваат кај децата, бидејќи до двегодишна возраст тестисите треба оперативно да се спушташ во скроталните кеси.

Целото ВИДЕОИНТЕРВЈУ погледнете го во видеото погоре.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот