Дејан Митревски - Кандидат за градоначалник на општина Аеродром - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Дејан Митревски - Кандидат за градоначалник на општина Аеродром - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дејан Митески: Со гасната централа ќе обезбедиме парно за сите делови на Аеродром

Дејан Митески во градоначалничката фотелја седна пред една година и два месеца, кога ја замени функцијата претседател на Советот на Општина Аеродром со онаа на дотогашниот градоначалник Тимчо Муцунски, актуелниот министер за надворешни работи на Македонија.

Митески вели дека не е исто кога сте градоначалник и кога на истата функција гледате од надвор, бидејќи и една урбанизирана и релативно средена општина како Аеродром, има потреба од реализација на бројни проекти. Најамбициозниот проект во неговата предизборна програма е изградбата на гасна централа, со која би требало да се обезбеди топлинска енергија на оние делови од општината, што не се опфатени со сегашната мрежа на топлификацискиот систем.

– Тоа е еден од проектите замислен како мерка за намалување на загадувањето. Тоа е гасна когенеративна централа, каде што ќе се загрева и спроведува топлата вода, која ќе се користи како топлинска енергија за загревање на домовите. Веќе сме во напредна фаза на реализација на проектот, изработена е физибилити студија, проектирани се 110 км топловодна мрежа, која ќе ги опфати Горно Лисиче, Долно Лисиче, улиците „Тодор Чангов“, „Ѓорги Капчев“, како и населбата Лисиче. Тоа е делот на Аеродром, што не користи топлинска енергија од градската мрежа за загревање на домовите и на тој начин ќе се обидеме да ги приклучиме сите домаќинства на топлинска енергија, како главен извор на загревање на домовите – вели градоначалникот.

Тој е свесен за проблемот со депонијата Вардариште, а иако не е во негова надлежност се надева дека набргу и овој еколошки проблем ќе биде надминат.

– Вардариште е надвор од територијата на Аеродром и тоа е проблематично за директно делување. Меѓутоа како градоначалник ги разбирам граѓаните што протестираат и јас се приклучив кон протестите и заеднички бараме решенија, во интензивна комуникација сме со Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Гази Баба, сè со цел да делуваме превентивно со краткорочни мерки што ќе ја стават под контрола депонијата Вардариште, а веќе во наредниот период апелираме да се преземат и реални мерки за нејзино расчистување, месно санирање, а за тоа е неопходен Градот Скопје, но за жал досега соработката ја немаше – додава Митески, кој апелира што побргу лицата што во супстандардни услови живеат во Вардариште, оттаму да се иселат и да им се пронајде соодветно сместување.

Тој најавува и дека во делови на општината веднаш по изборите ќе има нов сообраќаен режим со еднонасочни улици за да се олеснат гужвите и проблемот со паркирање, додека предвидено е и градење нови катни гаражи и монтажни паркинзи.

Што се однесува со културата, Митески најавува конечна изградба на културен дом, кој ќе биде реализиран со парите од т.н. унгарски кредит, односно средства со кои Владата финансира многубројни проекти на локалната самоуправа.

– За жал, 20 години откако постои Општина Аеродром, во делот на културата многу малку внимание е посветено. Изработивме проект, потпишавме договори и наскоро почнуваме со изградба на првиот дом за култура, односно првиот театар, првата киносала, со капацитетот од 250 седишта, со посебен мултимедијален дел, простор кој ќе може да се користи за проекции, за презентации, за разни настани за потребите на граѓаните на општината, кој ќе се наоѓа во Ново Лисиче, каде што како општина имаме сопственост на простор од 1.500 квадратни метри, во рамките на Спортскиот центар „Марко Божиновски“ – вели Митески.

Тој посочи и дека во наредниот мандат е планирана изградба на нова градинка за најмладите, а истакна дека е горд што во изминативе четири години во Аеродром за 84 отсто е намалено издавањето одобренија за градба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот