
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Дали Вештачката интелигенција може успешно да положи тест на Менса?
Менса Македонија е непрофитна, доброволна, независна и непартиска организација на граѓани со натпросечна интелигенција, без разлика на нивната религија, пол, националност, возраст, образование, политички убедувања и социјална положба. Годинава Менса Македонија слави 25 годишен јубилеј. За претстојното тестирање следната недела, за тоа кој сè членува во Менса, каде е Македонија по членство, во утринската емисија „Слободен печат“ разговараме со Илија Стевков, претседател на Менса Македонија.
Препорачано
Стевков вели дека Менса Македонија е членка на Менса интернешнел. Менса е здружение на граѓани на лица со висока интелигенција, со натпросечна интелигенција.
– Во Менса Македонија добиваат покана за членство луѓето кои се во топ 2% по интелигенција во светската популација. Тоа се утврдува врз база на тестирање на Менса и доколку тестот е успешен, тој кандидат добива покана за членство. Нашите тестови моментално се за лица со навршени 16 години – вели Стевков.
Следното тестирање е во вторник 3 декември на Факултетот за електротехника и информатички технологии на Електротехничкиот факултет во 18.30 часот. Право на тестирање имаат сите граѓани со навршени 16 години коишто не се тестирале повеќе од 3 пати и чини 500 денари. Менса нуди само три можности да се тестираш.
-Тестирањето е со визуелни матрици, а тестовите се исти во цел свет. Тестот нуди шест решенија. По тестирањето секој кандидат добива резултат, но тој е приватен и само негов. Идната недела славиме 25 години, што сметам дека е еден пристоен јубилеј – вели Стевков.
На прашањето дали Вештачка интелигенција може да положи Менса тест тој вели дека нема конкретни информации.
– Сум видел ВИ без проблеми да решава аритметички тестови, да речеме продолжува низа или број, тоа го решава во 100% од задачите. Бидејќи тука станува збор за визуелни тестови треба да се види дали е тестиран тој модел на овие тестови, бидејќи тестовите на Менса се тајни – вели Стевков.
Што се однесува до членството на Менса, Македонија има најмалку членови. До сега се тестирале околу 3.000 граѓани, од нив положиле околу 850 и добиле покана за членство. До сега 660 луѓе станале членови на Менса Македонија. Годинава има околу 130 полноправни активни членови.

– Во Менса членуваат секакви профили на луѓе, студенти, професори, доктори на науки, вработени, и невработени, млади, по 16-17 години, но имаме и пензионери. Нема некое правило. Ние би сакале да се свртиме повеќе кон младата популација, и затоа последните неколку тестирања, ги правиме во средните училишта – вели Стевков.
На прашањето дали се тестираат и нашите политичари, Стевков вели дека во моментов, во телата на Менса нема ниту еден политичар.
– Не знаеме дали доаѓале на тестирања. Податоците се тајни. Дури и јас, како претседател на Менса Македонија, не располагам со резултатите. Значи иако сум претседател на Менса не знам кој е највисокиот измерен коефициент на интелигенција. Резултатите се тајни – вели Стевков.
Со Стевков разговаравме и за тоа што значи членството на Менса за нивните членови, дали имаат предност при вработување, дали е само за лична мотивација и лична сатисфакција.
– Би сакал младите луѓе повеќе да се фокусираат на знаење, на интелигенција, отколку на некои други модерни идоли – вели Стевков.