
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Јашар: Ракот е само лоша епизода во серијата наречена живот
Се зголемува ли бројот на заболени од карциноми во државата? Која е ризичната група? Дали сè уште пациенти над 40 или 50 години се најризичната популација? Дали има млади пациенти? Што е со ПАП тестовите и дали се зголемува карциномот на грло на матка кај жени и покрај вакцинација? Каква болест е ракот? Утрово на дел од овие теми ќе се обидеме да дадеме одговор со доктор Јашар Џенгис – патолог од приватната болница Аџибадем Систина.
Препорачано
Докторот вели дека се зголемува бројот на карциноми и дека младите луќе се сè почести пациенти. За неговата работа вели дека е многу тешка и бара темелно познавање.
– Кога се најдов во ова работа, сфатив дека е истражување, детективска работа, да се пронајде болеста, да се даде точната дијагноза, да се направи сè што е потребно за пациентот да има соодветен третман. Веројатно тоа е причината зашто младите доктори не ја сакаат ова работа, затоа што освен работа бара и одговорност. А одговорноста е нешто од коешто сите млади бегаат – вели Џенгис.
Тој вели дека има драстично зголемување на заболени од рак. До 2000 година во државава имало од 150 до 200 пациенти со колоректален карцином. Таа бројка сега само во нивната болница е меѓу 100 и 150.
– Ќе речеме веројатно населението станало свесно дека треба да се прават редовни прегледи, колоноскопии. Меѓутоа сакам да кажам дека имаме еден рапиден пораст на пациенти со карцином на дебело црево, што да речеме дека во извесна мера е поврзано со начинот на живот и со храната. Од друга страна, имаме зголемен број на пациенти со карцином на дојка. И тој број е постојано во пораст. Значи, ако сме имале во 2000-та околу 200 годишно, сега таа бројка е некаде 800-900, можеби и повеќе – вели докторот.

Тој вели дека после ковидот рапидно е зголемен бројот на пациенти со карцином на панкреас и пациенти коишто имаат ретки тумори, тумори коишто во книгите биле пишувани со ситни букви. Објаснува дека границата е многу падната, па сега и кај деца се јавуваат карциноми кои порано ги имале само возрасни.
– Лично се изненадив од дете, девојче на возрастот 11 години, со муцинозен карцином на јајник. Тоа беше некаде пред десетина години. Карцином на града, кај девојче од 18 години и кај пациентка од 32 години, со карцином на ендометриум на матка бидејќи тој рак е вообичаен кај жени во менопауза – вели Јашар.
Тој вели дека организиран скрининг во државата нема. Тоа се само некои обиди коишто се направени во однос на тоа да биде опфатена одредена популација, одредена возрасна група.
– Она што е сега во последните неколку години активно, е да се скринира одредена возрасна популација, меѓутоа одзивот е многу мал. Втора работа е превенција за хуман папилома вирусот со вакцинација. Но ефектите од вакцинацијата ќе треба да ги почекаме уште извесен временски период да видиме дали тоа функционира или не – вели Јашар.

За пациентите кои доаѓаат на редовен преглед, вели дека се заштитени. Но оние кои доаѓаат прв пат на преглед во нивната болница се најчесто со високо ризичен хуман папилома вирус и дисплазија од висок степен, што упатува на тоа дека таа пациентка или не одела на редовни прегледи или редовните прегледи ги прави на поголеми временски интервали.
– Не може преку ноќ од дисплазија од низок степен да премине во висок степен. Тој процес трае долго време. Од две до четири години. Доколку се дијагностицира карцином во однос на изборот за терапија, тоа е строго пропишан протокол од страна на онколошките здруженија во светот. Она што онкологот треба да го направи е дел од неговата работа. За да го направи тоа, ние треба да ги сервираме сите параметри во однос на самата болест. Кулинарски кажано, хирургот ќе ни обезбеди брашно, шеќер, јајца, сè. Ние треба да ја подготвиме тортата и да му ја презентираме на онкологот, за тој да знае за каков тип на торта станува збор и на кого и со што треба да се послужи – вели Јашар.
Тој вели дека карциномот на грлото на матката е болест која може да се превенира и лекува.
– Ракот е можеби една лоша епизода во серискиот филм наречен живот. И после тоа треба да заборавиме дека некогаш сме имале таков проблем – вели Јашар.