
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Арсовски: Проширените вени може да доведат до ампутација ако не се третираат
Што се проширени вени? Каде се појавуваат? Кога е вистинското време да се направи некаква интервенција? Има ли горна или долна возрасна граница кога да се третираат? Постои ли некој неинвазивен начин на којшто се одвива третманот? Утрово за проширените вени и компликациите кои може да настанат од нив зборуваме со доктор Андреја Арсовски, специјалист-хирург од приватната болница „Аџибадем Систина“.
Препорачано
Докторот вели дека проширените вени можат да се третират на повеќе начини. Конзервативно, со одредени хигиено-диететски мерки, лекарства, склерозација, но и со минимално инвазивен хируршки третман кој дава најдобри резултати.
– Ние работиме со метод на ендовенозен третман на проширените вени со радиофреквентна аблација која е полесна за изведување и компликациите се локални. Ние го комбинираме методот на ендовенозен третман заедно со локална флебектомија, односно, извлекување, и отстранување на веќе проширените деформитентни вени – вели Арсовски.
Причината поради која се појавуваат проширени вени е поради покачувањето на венскиот притисок.
– Причините, односно факторите за ризик се бројни. Проширените вени се повеќе застапени кај женскиот пол, меѓутоа влијание имаат и генетски фактори, начинот на живот, одредени професии, возраста. Заради зголемениот венски притисок, пациентите чувствуваат замор, болки, чувство на тежина во нозете, особено изразено после напорните денови коишто се проследени со стоење или седење, а понатаму доколку не се третира и не се спречи покачувањето на венскиот притисок, доаѓа до промена на квалитетот на кожата, пребојување, хиперпигментација, па сè до отворање на многу незгодни рани – улкуси, коишто може да го загрозат и самиот екстремитет, односно, во некоја поодмината фаза да дојде и до потреба за ампутација- вели Арсовски.
Тој објаснува дека хируршката интервенција нуди минимално инвазивен пристап, се прави со локална анестезија, а пациентот после интервенцијата си оди дома.
– Пациентот доаѓа во болница, тоа го работиме во салата за дневна болница, по завршување на третманот останува 15 минути, половина час, за да видиме дали еластичните завои се премногу стегнати, да нема некое малечко крвавење. Потоа си оди дома – вели докторот.
Објаснува дека имале пациенти кои од болница заминале на работното место. Кај најголемиот број пациенти, ова е еднократен третман, но може да се повтори кај два отсто од пациентите доколку се појави некој проблем.
– Проширени вени може да се појават и кај деца, но тоа е вроден момент. Најстарата пациентка ни е 86-годишна. После операцијата ние препорачуваме носење на еластични чорапи 3 до 4 недели по завршување на третманот и кај пациенти каде што имаме повеќе мускулни гранки, особено во текот на зимата, препорачуваме носење на еластични чорапи без никакви посебни други медикаментозни третмани – вели Арсовски.
На пациентите им препорачува на лекар да дојдат штом забележат дека имаат проширени вени.
– Колку состојбата со вените е полоша, тогаш и ефектите може да бидат не толку добри. Значи, има пациенти на коишто ние им велиме дека можеме да ги решиме најголемиот дел од тегобите, но нема да направиме, условно речено, нова нога како што била пред 20-30 години. Затоа не треба пациентите да се доведуваат во таква ситуација бидејќи третманот е многу едноставен, ефикасен и добар, без компликации, без постоперативни потешкотии и навистина го препорачувам – вели докторот.