
ВИДЕОИНТЕРВЈУ| Булинг во скопско училиште решен со нова игра со картички за ментално здравје
Психологот Јасминка Новакова Стојановска, психолог при Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партенија Зографски“, единственото училиште за деца, средношколци со оштетен слух и говор, изработила друштвена игра со картички „10 начини како да се грижите за своето ментално здравје“.
Препорачано
Првичната идеја на Стојановска била да си помогне себеси во работата, да ја поедностави средбата со учениците, да ја направи попријатна, но интересот за ова игра за кратко време се проширил и надвор од училиштето.
-Играта излезе пред два месеци и за кратко време беше многу добро прифатена од нашите кругови во училиштето. Децата ја обожаваат. Им се допаѓаат боите, илустрациите за кој е заслужен илустраторот Марио Петровски. Покрај тоа што ја употребив при индивидуални средби со учениците, ја пробавме и како друштвена игра, по што добив предлог дека ова е многу добро за подарок за роденден – вели Стојановска за „Слободен печат“.
Играта не е во продажба, но како што вели нашата соговорничка, не се исклучува можноста во иднина овие картички да станат достапни за секого.

Неодамна токму овие десет картички помогнале во решавање на булинг во нивното училиште.
-За среќа тоа беше само вербален конфликт помеѓу двајца ученици, во кој едниот го навреди другиот. Ги поканив и двајцата за да ја играме играта и не можам да ви објаснам колку се израдував што овие картички развија дискусија меѓу нив, иницијаторот на конфликтот се засрами и си ја призна грешката и сè заврши добро. Треба да имаме на ум дека во вакви ситуации и детето што предизвикало проблем не треба да го напаѓаме, туку треба да му помогнеме – вели Стојановска.
Стојановска е автор на уште една игра со четири дрвени коцки наменета за професионална ориентација.
– Играта „Професионални коцки“ ја изработивме со колешката Јана Златанова, наставник по стручни машински предмети во рамки на Еразмус проект, интернационален, меѓу Македонија, Латвија и Естонија. Целта беше да се направат алатки кои ќе помогнат за полесен избор на едната професија кај учениците во средното училиште, насочена најмногу на стручните училишта – рече таа.
