ВИДЕО+ФОТО: Светата икона на Свети Георгиј дојде во својот дом, Рајчичкиот манастир засвети како светол дијамант

Чудотворна икона во манастирот Рајчица/Фото: Слободен печат

Манастирот во село Рајчица дебарско посветен на Свети Георгиј се збогати со уште една голема светост, изобразената икона на светиот великомаченик свети Георгиј која е верна копија на оригиналната чудотворна молдавска икона изработена во 15 век, која се наоѓа во манастирот Зограф на Света Гора.

Иконата засвети како светол дијамант, а ја пречекаа илјадници верници во Рајчичкиот манистир. Беше пречекана достинствено со воена гарда, оркестар, молитви, опход, а потоа во манастирката црква верниците со часови се поклонуваа пред иконата.

Чудотворна икона во манастирот Рајчица/Фото: Слободен печат

Игуменот на Бигорскиот манатир Отец Партениј под чија закрила е Рајчичкиот манастир истакна дека срцата на сите треба да ни бидат исполнети поради фактот дека оваа духовна возвишеност ги надминува времето и просторот и нè поврзува со вековните нишки на нашето неисцрпно духовно наследство. Имено, оваа света икона, којашто е прегрната не само од благодатта и од мистичното присуство на Светиот, туку и од длабочината на ромејските историја и дух, нè потсетува и на нашето место во долгата и богата православна христијанска традиција, на придонесот на нашите предци во заедништвото, посочи отецот.

Отец Партениј/Фото: Слободен печат

„Првообразната икона, којашто е вистински споменик на византиските уметност и духовност, настанала во Константинопол и најнапред била подарок од ромејскиот василевс Јован VIII Палеолог за некогашното Молдавско Кнежевство, во првата четвртина на 15. век. Подоцна, во 1484 година, величествениот молдавски Воевода Стефан чел Маре ја подарил оваа икона на манастирот Зограф во Светата Гора Атонска, откако истиот го обновил и доизградил, а во знак на благодарност за небесната помош од Светиот Георгиј во неговите битки против завојувачите. Заради своите подвизи за Христовата вера и заштитничкиот однос кон христијанското население во поробените земји, Стефан Воевода ја добил уште и титулата athleta Christi, односно „витез Христов“, чест што ја имале ранохристијанските маченици – воини како Свети Георгиј. Присуството на овој Христов Светија низ историските раздобја, ни открива и една сјајна фигура од овие простори, истоименита со Свети Георгиј. Тоа бил овдешниот регионален херој на правата вера во вистинското Божјо откровение, легендарниот Георгиј Кастриот, познат како Скендербег, кој со својата непоколеблива посветеност и со својата бестрашна храброст во борбата против Османлиите, го возвисил двоглавиот орел, симболот на византискиот модел за коегзистенција, како свое знаме“, изјави игуменот на Бигорската обител отец Партениј.

Чудотворната оригинална икона која сега се ноаѓа во манастирот Зограф на Света Гора е тесно поврзано и со нашите простори. Токму нејзиниот сребрен оклоп е изработен од човек од овие простори од Лазарополе, кој пак е замонашен во Бигорскиот манастир.

Чудотворна икона во манастирот Рајчица/Фото: Слободен печат

„Денешниот настан нè повикува да размислиме и за мистичната врска помеѓу небото и земјата, за тоа како духовите на предците говорат во срцата на потомците. Имено, веќе ви спомнав, одамна ни беше голема желба да ја имаме Молдавската икона на Свети Георгиј во овој наш свет манастир посветен нему. И кога најпосле времето се исполни за таа да стаса овде, истражувајќи ја нејзината историја, дознавме дека сребрената украсна риза додадена на иконата во 19. век била изработена по нарачка и како дар од светиот Архимандрит Анатолиј Зографски, роден и израснат во овој славен мијачки и дебарски крај, а замонашен токму во Бигорски. Следствено, овој благороден подарок го носи печатот на нашето локално свештено и национално наследство, толку живо присутно и ден-денес во македонската духовна и културна ризница, и ги оживува духовните врски кои нè спојуваат низ времетечението“, рече отец Партениј.

Тој упати голема и неизмерна благодарност до Ратко Капушевски од Скопје и до неговото семејство, чииишто дарежливост и вера како што рече овозможија да ја дочекаме и да ја имаме меѓу нас светата икона како огромен небесен благослов.

Чудотворна икона во манастирот Рајчица/Фото: Слободен печат

„Му благодариме и на талентираниот зограф г. Николај Кангарас, кој со своите раце ја приведе во живот оваа икона, како и на мајсторот г. Леондарис Зидрос, кој со својата уметничка вештина ја облече во прекрасна сребрена риза, додавајќи ѝ уште една димензија на благолепие, на вредност и на трајност“, дополни отец Партениј.

Манастирот беше претесен да ги прими сите верници. Веднаш по пречекот и поклонението пред чудотворниот образ, одржана беше празнична Вечерна богослужба,

„Како плод на молитвите на нашиот старец, владиката Партениј, ни пристигна иконата, преку верната копија на неговиот чудотворен молдавски образ. И како што сами можевте да видите иконата беше пречекана со големи почести, параден оркестар и воена гарда нешто што не е ново туку е вообичаена практика и традиција во сите демократски земји коишто имаат христијанско наследство“, изјави сестра Ефимија.

Со благослов на Епископ Антаниски г. Партениј, претставници од Свештената Бигорска обител иконата која сега го краси Рајчичкиот манастир беше однесена и осветена во Света Гора, во двата манастира на Великиот Победоносец, Ксенофонт и Зограф.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот