ВИДЕО+ФОТО | Судијката Маргарита Цаца Николовска одликувана со орден „Витез на Легијата на Честа” од Франција

Мин. за правда, Никола Тупанчески, Маргарита Цаца Николовска и амбасадорот на Р.Франција во Р.С.Македонија, Сирил Бомгартнер/ ФОТО- Слободен печат

Со задоволство и со гордост го примам овој орден и ве уверувам дека ќе продолжам сесрдно да се борам во остварувањето и во заштита на човековите права и слободи преку владеењето на правото, рече Николовска.

Амбасадорот Сирил Бомгартнер, во името на претседателот на Франција, денес во Скопје со орденот „Витез на Легијата на честа“ ја одликуваше поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.

– Вашето чувство за правда и познавањето на правото го ставивте во служба на граѓанското општество преку Институтот за човекови права, чиј главен иницијатор и еден од основачите бевте во 2009 година. Организацијата ја прошири вашата активност како судија во вашата борба за пристап до правдата за сите, за еднаквост помеѓу граѓаните, за борба против корупцијата и дискриминацијата – рече амбасадорот Бомгартнер на свеченоста во француската резиденција.

Франција ја награди Николовска за сè што направила за да ги задржи земјава европските вредности.

– Вие, госпоѓо Николовска, во текот на целата Ваша кариера, на брилијантен начин се зафативте да ги браните сопствените убедувања, кои се вкрстуваат со вредностите на Франција и на Европа: правото, слободата на изразување, правото на приватност, борбата против дискриминацијата. Во тој поглед придонесовте Северна Македонија да стане поправедна држава и помогнавте во зближување на нашите две земји – нагласи Бомгартнер.

Маргарита Цаца Николовска одликувана со „Витез на Легијата на честа”/ ФОТО, Слободен печат

Судијката Цаца Николовска се заблагодари и рече дека одликувањето само ја зацврстува нејзината борба за човековите права и слободи да бидат на националните и на меѓународните правни скалила.

– Со задоволство и со гордост го примам овој орден и ве уверувам дека ќе продолжам сесрдно да се борам во остварувањето и во заштита на човековите права и слободи преку владеењето на правото. Јас ова го чинам заедно со присутните членови од Институтот за човекови права и преку едукативниот процес што се трудам сесрдно да се остварува преку неговите активности. Ова е особено важно во периодов во кој се наоѓа нашата држава сега, со сите познати предизвици – рече еминентната судијка Маргарита Цаца Николовска.

Aмбасадорот Бомгартнер го предава орденот „Витез на Легијата на честа“ на судијката Маргарита Цаца Николовска/ ФОТО, Слободен печат

Националниот ред Легија на честа го воспоставил Наполеон Бонапарта во 1802 година. Ова одликување им се доделува на личности што имале исклучителен придонес за промоцијата на Франција и на вредностите што таа ги застапува и ги претставува во светот. Париз по четврти пат одликува македонски државјанин со највисокиот француски орден, а Николовска е прва личност од судската фела.

Повеќе од свеченоста погледнете во видеото во продолжение

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот