
ВИДЕОАНКЕТА | Дали подготвувате зимница?
Крајот на летото асоцира на подготвување на зимница, односно конзервирана храна која се консумира во текот на зимата. Луѓето најчесто подготвуваат ајвар како главен симбол на зимницата и култен балкански намаз, потоа туришија, кисели краставички, лутеница, овошни сокови, мармалад, џем, слатко и слично.
Препорачано
„Слободен печат“ ги праша граѓаните дали оваа година ќе подготвуваат зимница, што најчесто подготвуваат, дали купуваат готова зимница од маркет или пак си нарачуваат некој да им ја подготви и дали забележуваат пораст во цените на овошјето и зеленчукот.
Според одговорите на анектираните, дел од нив подготвуваат зимница во домашни услови, а дел преферираат да си купат готова зимница од маркет.
– Годинава тешко дека ќе подготвиме зимница. Пиперките се 70 денари, доматите 100 денари, поскапено е и овошјето. Ќе си купиме готови оваа година – изјави една госпоѓа.
Меѓу одговорите на прашањето што најчесто Македонците подготвуваат како зимница, слушнавме: ајвар, кисели краставички, лутеница, руска салата, домашни сокови, мармалади и слично.
Оние кои не подготвуваат зимница во домашни услови, најчесто купуваат од продавница.
– Домашната зимница е секогаш подобра, но и индустриските производи почнаа да заличуваат на домашните – рече еден случаен минувач.
Некои од граѓаните престанале да подготвуваат зимница, поради високите цени на овошјето и зеленчукот.
– Порано ја подготвував јас лично, но сега, поради тоа што е многу скапо, тешко дека ќе подготвуваме – вели една од анкетираните.