
ВИДЕОАНКЕТА | Дали казните ќе спречат зборување на мобилен на пешачки?
Почнувајќи од овој петок, 26 септември, пешаците кои зборуваат на телефон додека се движат по пешачки премин, како и возењето тротинет со слушалки во уши ќе се казнува. Зборење на мобилен при преминување на пешачки премин ќе се казнува со 40 евра, а за возачите на тротинети, трактори, мотори кои и возат и користат електронски уреди казната е 50 евра.
Препорачано
„Слободен печат“ ги праша граѓаните што мислат за новиот закон, дали сметаат дека со оваа забрана учесниците во сообраќајот ќе бидат побезбедни и што би предложиле тие за да има ред и мир во сообраќајот.
Повеќето од анкетираните се согласуваат со новата мерка и очекуваат да вроди со плод.
– Во период сме каде што се воведуваат многу нови закони, но конкретно овој закон е за поздрав, затоа што сум активен возач и пешак, а не се внимава и од двете страни. Во секој случај е за поздрав идејата да се воведе ред, но сепак да биде како ублажена и поучна мерка, да не биде како голем удар во џебот на секој граѓанин – изјави еден случаен минувач.
Дел од нив сметаат дека треба да се стави поголем фокус на возачите, отколку на пешаците.
-Сметам дека е подобро на возачите во возилата да им биде забрането да комуницираат на телефон отколку на пешаците. Иако и за пешаците е добро, но сепак мислам дека на возачите треба да се обрне повеќе внимание – вели тој.
На прашањето дали овој закон би нè направил побезбедни во сообраќајот, граѓаните одговорија:
– Можеби, зошто да не – вели еден од анкетираните.
-Не знам дали ќе бидеме, но се надевам – рече една госпоѓа.
Ги прашавме граѓаните што би предложиле за да има поголем ред и мир во сообраќајот.
-Мислам дека е потребно да има повеќе униформирани лица на терен коишто ќе го контролираат сето ова. Доколку има повеќе контрола на улиците и патиштата мислам дека би било во ред – сподели еден граѓанин.