
ВИДЕО | Во најосамената црква на светот, на врвот на карпа висока 40 метри, живее монах: Поранешен затвореник му служи на Бога 20 години
Повеќе од 20 години, Максим Кавтарадзе живее во самотија – со поглед на прекрасните грузиски планини.
Препорачано
Максим Кавтарадзе, 60-годишен монах, буквално живее во облаци. Катската карпа е природен варовнички монолит висок 40 метри. Тоа е атракција на регионот Имерети во Грузија и една од најфасцинантните глетки на земјата.
Максим го напушта својот непристапен дом само два пати неделно, за да се моли со своите следбеници, но патот не е нималку лесен – му требаат дваесет минути да стигне до земјата, односно да се спушти по металната скала.
Максим не се плаши од височина, напротив, пред да дојде во манастирот работел како ракувач со дигалка.
„Можете да го почувствувате присуството на Бог во тишината овде“, изјавил тој за „Сан“ (The Sun).
На врвот на „Карпата на животот“, како што многумина ја нарекуваат, има остатоци од црква од 9 или 10 век и мала колиба со кревет. Меѓутоа, кога во 1993 година пристигнал на ова необично место, Кавтарадзе спиел некое време во стар фрижидер.
Пред да стане монах, Максим бил накратко во затвор, каде што доживеал просветлување и сфатил дека му треба голема промена.

„Кога бев млад, пиев, продавав дрога, немаше ништо што не правев. Кога завршив во затвор, знаев дека е време за промена“, се сеќава тој.
„Пиев со моите пријатели во околните ридови и го гледав ова неверојатно место каде земјата се среќава со небото. Знаевме дека во античко време таму живееле монаси, чувствував голема почит“, раскажал тој.
Христијаните навистина живееле на врвот на карпите за да „избегнат од искушенијата на светот“, сè додека оваа практика не била прекината во 15 век.
Максим решил да се смести на врвот и да изгради сопствен однос со Бог преку молитва и читање.
Вознемирени луѓе доаѓаат да разговараат со монахот, кој и самиот има проблематично минато. Гостите на манастирот се молат по седум часа на ден и помагаат во домашните работи, вклучително и подигање на покуќнината на домаќинот (се доставува со помош на механизам што се стартува рачно од подножјето на карпата).