Протест на средношколците од МИГ/ Фото: Драган Митрески

ВИДЕО: Средношколците од МИГ ја бојкотираа наставата и пред МОН побараа оставка од директорката

Оставка од директорката, ревидирање на законскиот акт за избор на професори и вработување на квалитетни професори, се барањата на средношколците од Математичко-информатичката гимназија кои денеска бојкотот го продолжија пред Министерството за образование и наука.

Бараме директорката да го отстапи своето место на некој кој со љубов ќе ја води гимназијата, некој кој има страст кон науката и некој кој ја сфаќа вистинската смисла и замисла како треба да изгледа гимназијата, порача Стефанија Кузмановска, ученичка на МИГ.

Ги повика сите надлежни институции, министерот за образование и наука, премиерот, па дури и директорката да застанат на нивна страна.

Протест на средношколците од МИГ/ Фото: Драган Митрески

Кузмановска порача дека доколку тие од понеделник се вратат на училиште и се прават како ништо да не било, МИГ ќе ја изгуби својата вредност, а постигнатите успеси и освоените медали можат „да ги извадат и да ги фрлат во вода, доколку престанат да се борат за вистината“.

Поддршка дадоа и родителите на средношколците кои учат во МИГ. Тие велат дека не се откажуваат од борбата за квалитетно образование.

Професори кои имаат завршено на Оксфорд, Кембриџ или ФИНКИ не се примени со образложение „тоа е наш избор“. Ние не ги омаловажуваме новите професори, но оние кои се веќе докажани и имаат воспоставено соработка и успеси, покажувајќи ги преку освоените места на натпревари се одбиваат, вели Миле Радев.

Протест на средношколците од МИГ/ Фото: Драган Митрески

Дејан Пешевски кој е член во Советот на родители апелираше дека директорката нема слух за нив и ако некој кандидат не ги исполнува дури и тие минимални услови нема што да бара во гимназијата.

Ние бараме најдобрите десет професори да се пријават, а со ваквото однесување на директорката не сакаат. Нашите деца реално не би имале подобар избор од оваа гимназија. Покрај се што направи директорката има и голем раздор, тоа што се случи оваа недела е голема поделба меѓу ученици, родители а владее ти токсична атмосфера, изјави Пешевски

Учениците од Математичко-информатичката гимназија второто полугодие го почнаа без пет професори по стручни предмети на кои им истекоа договорите за вработување.

Гимназијата ова полугодина стартуваше без стручен кадар, а учениците со преполовен фонд на часови со што се губи смислата на постоење на стручната гимназија да ги едуцира талентираните ученици по математика, информатика и физика од целата држава, на едно место.

Средношколците пред два дена во писмо испратено до „Слободен печат“ реагираа дека на конкурсот аплицирале стручни професори кои имаат завршено докторски студии од соодветните области, што е критериум посочен во законот за Математичко-информатичка гимназија, без никакво образложение од страна на директорката тие професори беа одбиени на јавниот оглас за наставен кадар во училиштето.

Дел од тие професори веќе предавале во МИГ и ја докажале својата стручност, сега се заменети со нови професори, кои, колку што знаеме некои од нив не ги исполнуваат критериумите за професор во МИГ, реагираат учениците.

Протест на средношколците од МИГ/ Фото: Драган Митрески

Од Министерството за образование и наука потенцираат дека изборот е извршен согласно критериумите за избор на стручни лица. МОН укажува дека согласно Законот за Математичко-информатичка гимназија, за ангажирање наставен кадар, односно надворешни стручни лица, по добивање на согласности од МОН, односно од Министерството за финансии, училиштето објавува јавен оглас.

По завршување на рокот од последниот објавен оглас, разгледани се сите документи на кандидатите кои навремено доставиле комплетна документација. Изборот е извршен согласно критериуми за избор на стручни лица, согласно Критериуми за ангажирање на истакнати стручни лица по договор на дело. Само еден од наставниците кои досега беа ангажирани во училиштето како стручни соработници, не е избран повторно преку новиот оглас, наведува МОН.

Средношколците од МИГ губат часови, второто полугодие го почнаа без стручен кадар по математика и информатика

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот