
ВИДЕО | Штипската џиновска пастрмалија годинава со рекордни 17 килограми месо
Џиновската пастрмалија оваа година ќе биде рекордно голема. Николче Малинов, кој традиционално ја пригoтвува џиновската пастрамалија, вели дека за првпат ќе се употреби 17 килограми свинско месо, најмногу досега споредено со годините наназад. Посочува дека ќе биде направена по стар штипски рецепт и со сечење на истата на шеталиштето „Ванчо Прќе“ ќе се означи стартот на овогодинешното издание на манифестацијата штипска „Пастрмалијада“.
Препорачано
— За оваа година подготвивме околу 17 килограми свинско свежо месо, значи рекорд. Лани беше околу 15 до 16 килограми, оваа година се 17 килограми месо. Ќе има околу 25 до 30 килограми тесто и два до три литри зејтин — изјави Малинов.
Дополнително подготвени се и машините и работната рака, со цел џиновската пастрамалија, освен рекордно најголема досега, да биде и највкусна.
— Бидејќи имаме доволно опрема, ќе ни бидат потребни околу два часа, со печењето околу два и пол часа. Ќе имаме четири до пет луѓе, кои се опремени со знаење да помогнат, толку луѓе ќе ни бидат потребни за да ја однесеме пастрмалијата до бината — рече Малинов.
Манифестацијата „Пастрмалијада“ почнува на шеталиштето „Ванчо Прќе“, каде што е предвидена целодневна музичка програма и настап на локални музичари од Штип. Дополнително, на десет поставен штандови ќе се продава штипскиот специјалитет пастрмајлија кој ќе биде достапен за посетителите, по цена од 220 денари.
Погледнете во видеото како мајсторот Николче открива детали за подготовката на џиновската пастрмалија.