Фото: Слободен печат/Драган Митрески

ВИДЕО | Родителите од Кочани гневни на Коцевски и Мицкоски – наместо правда, прикривање на богатите и влијателните

Наместо правда и целосна одговорност сведоци сме на пропусти и прикривање. Правдата важи само за оние кои немаат пари и врски, велат дел од родителите на загинатите млади луѓе во трагедијата во Кочани кои излегоа на 25-тиот марш, прв откако Кривичниот суд го одобри обвинението за несреќата во дискотеката „Пулс“.

Тие се обратија до републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, премиерот Христијан Мицкоски, но и другите функционери од правосудната власт и велат дека целосно ја изгубиле надежта дека ќе има правда по поднесеното обвинение.

– Правдата не е на страната на жртвите, туку на страната на виновниците, а особено е поразително тоа што осомничените се со мерки за претпазливост. Секојдневно сме приморани да ги гледаме како се движат низ нашиот град како да не се случило ништо. Тие лица си ја купија својата слобода со пари, живеат без никакви ограничување, а ние сме осудени на доживотна болка и загуба. Прашуваме што ќе биде со тие лица, дали правдата важи само за оние кои немаат пари и врски и дали ние треба да платиме? Ваша должност е да обезбедите еднаков третман, а не да создавате систем каде богатите и влијателните се неприкосновени. Свесни сме дека постојат и други докази против други лица кои намерно не ги изнесувате и со тоа правите кривично дело и за тоа ќе има одговорност. Се сомневаме дека вашата постапка е резултат на политички или друг вид на притисок од лица кои стојат зад овој случај. Но колку и да се обидувате да ја сокриете вистината таа ќе излезе на виделина. Бараме целосно презентирање на сите докази одговорност за пропустите на обвинителниот акт, проширување на обвинението, еднаков третман на притворените – рече една од мајките на маршот во своето обраќање.

Друга пак мајка на премиерот Мицкоски му порача дека треба да се засрами, а не како што рече на партиска трибина, да оди со крената глава во Кочани. Еден од татковците ги повика своите сограѓани на овие локални избори да не гласаат ниту за СДСМ, ниту за ВМРО-ДПМНЕ, како партии кои цело време се на власт и на локално и на централно ниво.

Кривичниот суд во петокот целосно го одобри обвинението против повеќе од 30 обвинети за несреќата во Кочани. Судењето ќе го води судијката Диана Груевска Илиевска, а Кривичен треба да го закаже датумот за почетокот на еден од најголемите судски процеси досега.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот