ВИДЕО: Падините на Скопска Црна Гора рај за планинарите, но и за дрвокрадците

Планинарите на Скопска Црна Гора/Фото: Слободен печат/М.Д.

Редовно, секој викенд падините на Скопска Црна Гора се дестинација на стотина ентузијасти, планинари – рекреативци, од сите генерации. Сите патеки водат кон главното собиралиште Спирова колиба која е на 1483 метри надморска височина. Поупорните и оние со повеќе кондиција и елан може да одат и погоре, кон Црн Камен на над 1585 метри надморска височина.

Во саботата членовите на Планинарскиот спортски клуб Скопска Црна Гора го прославија 12-тиот роденден, како што доликува, со веселба, скара и торта. Клубот има и подмладок кој учи на самото место како да се грижи за природата, како да се надоградува шумскиот појас, преку пошумување па редовно се засадуваат млади фиданки кои години подоцна ќе го збогатат шумскиот фонд.

Дури и литванската амбасадорка Вилма Дамбраускиене која со сопругот се искачи по Спировата патека засади дрво, некриејќи го своето задоволство и воодушевување од атмосферата и пријателското расположение кое го шират вљубениците во природата и алпинизмот.

За жал, предупредуваат планинарите со кои разговаравме, многу често во нивните алпинистички авантури наидуваат на дрвокрадци кои немилосрдно ја сечат шумата и потоа ја носат во правци на селата на периферијата на Скопје. Блиските средби со дрвокрадците во незаштитената шума на Скопска Црна Гора не се нималку пријатни бидејќи планинарите често добивале и закани со огнено оружје да си продолжат по патот.

Посведочивме со снимки дека навистина се случува масакр на дрвјата во шумата. Со возила се пренесуваат во разни правци, а отсуствува шумарска служба која заедно со полицијата ќе ја штити шумата од дрвокрадците.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот