Зеленчуков оркестар - Фото: Ken McKay/ITV / Shutterstock Editorial / Profimedia

ВИДЕО | Оркестар кој свири на инструменти од зеленчук постигна Гинисов рекорд: По настапот послужуваат супа од реквизитите

Патувачки оркестар кој користи инструменти направени целосно од зеленчук штотуку собори светски рекорд, пишува „Њујорк пост“.

„Зеленчуковиот оркестар“ (The Vegetable Orchestra), единствениот оркестар во светот кој свири на зеленчук, влезе во Гинисовата книга на рекорди за најголем број концерти одржани од оркестар со зеленчук.

Оваа необична група од 11 члена, основана во Виена во 1998 година, одржала вкупно 344 концерти користејќи рачно изработени инструменти како што се флејта од морков, „краставица“, бас флејта од ротквица, перкусии од модар патлиџан и виолина од праз.

– Веруваме дека можеме да произведеме звуци што другите инструменти не можат. Разликата се слуша јасно – понекогаш звучи како да имитираме животни, а понекогаш како целосно апстрактни тонови – објаснува оркестарот на својата веб-страница.

Оваа иновативна група постојано измислува нови инструменти, но и импровизира на сцената, бидејќи зеленчукот може да пукне или да се исуши за време на настапот.

По концертите на публиката ѝ послужуваат дури и супа направена од останатиот зеленчук со кој ги правеле инструментите.

Музичарите доаѓаат од различни музички жанрови – електронска музика, рок, панк и класична музика – и нивната цел е да покажат дека музиката може да се создаде од речиси сѐ.

– Музиката може да се направи од сѐ, секое нешто има свои акустични својства и во себе крие цел универзум на звуци. Секое нешто може да биде алатка за откривање на тој звучен свет – велат членовите на нивната веб-страница.

Овој креативен тим, кој настапува низ целиот свет, има само едно барање – луѓето да престанат да ги прашуваат дали сите се вегани или вегетаријанци.

– Не, не сме. Не нè прашувајте повеќе. Тоа прашање сме го слушнале три милиони пати – напишаа тие на веб-страницата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот