ВИДЕО на „Гардијан“: Мигранти соблечени по долна облека, принудени да се вратат од Србија во Македонија, српската полиција демантира

видео: Принтскрин „Гардијан“, Српската полиција соблекла група мигранти по долна облека и ги избркала во Македонија

Група мигранти се снимени како се движат во долна облека во близина на границата меѓу Србија и Македонија. Видеото го објави „Гардијан“. Како што наведува британскиот весник, видеото го добил од македонската невладина организација Легис, а наводно прикажува ситуација во која српската полиција ги соголува мигрантите и ги принудува да се вратат во Македонија.

„Гардијан“ посочува дека не може да ја потврди автентичноста на снимките, но според информациите на организацијата Легис, настанот се случил на 10 февруари во близина на селото Лојане, близу границата со Србија.

Невладината организација тврди дека тој ден се случиле два понижувачки инцидента, каде што повеќе од 50 луѓе биле принудени да се соблечат во долна облека пред да бидат вратени во  Македонија, од каде илегално влегле во Србија.

Според изјавите на еден од мажите на видеото, за кој е наведено дека е Сириец, ваквите настани станале пракса на границата.

Јасмин Реџепи, претседател на Легис, посочува дека овие инциденти се случиле непосредно по самитот на Европската унија и Србија за граничната соработка со цел зајакнување на безбедноста на српската граница против шверцот на луѓе.

Радош Ѓуровиќ, извршен директор на Центарот за заштита и помош на барателите на азил во Србија, потврдува дека неговиот персонал бележи зголемување на бројот на мигранти кои се враќаат од Србија во Македонија од почетокот на годината.

Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, изрази загриженост и повика на итна истрага на овие извештаи за наводната политика што ја применува српската полиција на границата.

Министерството за внатешни работи на Србија попладнетво ги демантираше наводите во медиумите дека нивни припадници тепале мигранти, пуштале службени кучиња врз нив, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат во Северна Македонија пеш, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во врска со предметното видео (објавено од Гардијан), нагласуваме дека Управата за гранична полиција добила барање од граничните власти на Северна Македонија за изјава во врска со два настани во селото Лојане на територијата на Северна Македонија, каде што во текот на ноќта и утрото тој ден биле пронајдени две групи нерегуларни мигранти, кои тврделе дека српските полицајци наводно ги тепале, им дозволиле да ги нападнат службени кучиња, кои ги искасале, по што ги соблекле во долна облека и ги принудиле да се вратат пеш во Северна Македонија, стои во соопштението на МВР.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот