ВИДЕО | Математиката ги раскара синдикалците со министерката за култура: Наместо покачување на плата од 12 проценти, реално добиваат само 2%

Синдикалците незадоволни од покачувањето на плата што го определи министерката за култура/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Синдикатот на културните работници со протест пред Министерството за култура го изрази својот револт што им се укинува правото на 10 проценти покачување на основицата за пресметка на плата согласно Општиот колективен договор за јавен сектор. Ова покачување тие го добија во септември минатата година, но со последното решение на министерката за култура стравуваат дека ќе бидат изиграни и реално ќе останат само со 2 проценти покачување на платата.

-Последна ситуација со која се соочивме беа 10 проценти од Општиот колективен договор во септември кои важеа за цела држава доживотно, но за нас вработените во културата, поединци од Министерството за култура, Министерството за финансии и МТСП ни смислија времени решенија на 6 месеци. Денес тие 6 месеци истекоа, и сега пак сме соочени со премрежја затоа што некој можеби мисли дека културата во оваа држава е непотребен издаток. Сега истите поединци не убедуваат дека немаме право на 10 проценти од Општиот Колективен договор, бидејќи со покачувањето на минималната плата ќе земеме 12% според Колективниот договор за култура и тука веќе постојат тие 10% од ОКД. Тука е замката на реториката, затоа што нема да земеме 12%, туку реално ќе земеме 2%, реагира Вера Атанасовска,претседателка на Синдикатот на вработените во културата.

Министерката за културата Бисера Костадиновска Стојчевска нагласи дека нема промена во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот, туку единствената промена која што е внесена во диспозитивот, е минималната плата.

-Во самото решение стои дека платата се пресметува на следниот начин – основна бруто плата по следните основи: минимална бруто плата која е објавена во Службен весник согласно закон и општ колективен договор, коефициентот на сложеност согласно колективниот договор на вработениот има право на 0,5 додаток на основна бруто плата за секоја година работен стаж најмногу за 20 отсто. Овие три компоненти се непроменети. Нема промена во општиот колективен договор, нема промена во колективниот договор на Синдикатот за култура и правото за секоја година работен стаж останува, рече Костадиновска Стојчевска.

 

-Со измените на Законот за минималната плата, минималната плата сметана од месец март 2024 година изнесува 33,352,000 денари. Ова значи дека единствената компонента која што од оваа плата е менлива, е минималната плата. Токму затоа таа стои во диспозитивот, рече Костадиновска Стојчевска нарекувајќи ги реакции на културните работници како неосновани и теории на заговор.

Синдикалците од културата за остварување на своите права по основ на покачувањето на платата имаат поддршка и од Сојузот на синдикатите на Македонија. Културните работници кои денеска протестираат нагласуваат дека уште во октомври минатата година Министерството го прекршило Колективниот договор за култура со тоа што во решенијата за плата вметнало номинална вредност на основица која не е предвидена со Колективниот договор за култура.

-Тие решенија беа обжалени, нашите приговори прифатени и од Агенцијата за администрација и од Управните одбори, со што автоматски тие решенија станаа незаконски. Министерството за култура се правеше глуво и нема на оваа состојба за повторно да се обидат истото да го протуркаат. Но разликата е што тогаш културните работници добија 10 проценти покачување, а сега им се скратуваат тие. Секој кога нешто му се ускратува ќе застане да ги брани своите права, рече Атанасовска.

Министерката рече дека решението го донела во консултации со МТСП, со Државниот инспекторат за труд, службите во Министерство за култура, а биле прашани и сите активни чинители и ниту една правна или сметководствена служба не се јавила да каже дека има проблем со пресметката на плата.

-Се плашиме дека операцијата множење која е предвидена со колективниот договор за културата односно минималната плата по коефициенти на сложеност зголемена за 10 проценти, согласно Општиот колективен договор за јавен сектор, на кој јас сум потписник некој сака да го замени со операција одземање за овие работници и тоа е прилично опасно. Тие ќе протестираат, а она што треба да се направи е во решението, основицата за пресметка на коефициент 1 е минималната плата или 22.567 денари и таа се множи по коефициент на сложеност и да стават уште една ставка дека основната бруто плата на работникот согласно Општиот колективен договор се зголемува за дополнителни 10%, толку е едноставно, не треба многу филозофирање и многу објаснување што значат ставките во решението, и така да се надмине дилемата кај овие колеги, и да добијат покачување од 12,15 % наместо само 2,15%, вели Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Културните работници ја повикаа министерката за култура да не биде трагичар во културата туку да се одважи и да ги корегира по упатствата за пресметка на платата со што ќе се испочитуваат двата колективни договори, со што, велат тие, би се избегнале големи судски трошоци кои ќе паднат на товар на државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот