
ВИДЕО: Леверкузен славеше со пресврт над Хофенхајм, Елмас доби мала минутажа против Мајнц
Фудбалерите на Баер ја запишаа 23 победа во Бундес лигата и се првопласирани на табелата со 73 бодови, односно има 13 бодови повеќе и натпревар повеќе од второпласираниот Баерн. Клубот од Леверкузен денеска на домашен терен го победи Хофенхајм со 2:1 во натпреварот од 27 коло на германскиот шампионат.
Препорачано
Хофенхајм поведе во 33 минута со голот на Максимилијан Бејер и таа предност ја задржа до крајот на натпреварот кога домашните стигнаа до пресврт. Прво израмни Роберт Андрих во 88 минута, а три минути подоцна Патрик Шик му донесе победа на Баер.
Играчите на Фрајбург славеа на гостински терен против Борусија Менхенгладбах со 3:0, со головите на Михаел Грегорич во седмата минута, Мерлин Рело во 47 минута и Ричи Доан во 58 минута. Фрајбург е седми на табелата со 36 бодови на своето конто, додека Менхенгладбах сега е на 13 позиција со 28 бодови.
На гостински терен победи и Волфсбург кој со 2:0 беше подобар од Вердер. Стрелци за победничкиот тим беа Максан Лакроа во четвртата минута од судиското надополнување во првото полувреме и Ловро Мајер во 84 минута. Вердер е на 10 место на табелата со 30 бодови, додека Волфсбург е на 14 позиција со два бода помалку.
На натпреварите Ајнтрахт – Унион Берлин и Лајпциг – Мајнц немаше голови. Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас за Лајпциг настапи од 87 минута како замена за Данецот Јусуф Поулсен.
По 27 одиграни натпревари, Лајпциг е четврти на табелата со 50 бодови, Ајнтрахт е шести со 41 бод, Унион Берлин е на 12 место со 29, додека Мајнц е на 16 позиција со 20 освоени бодови.