ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Ранко Петровиќ: „Златна бубамара“ има мандат да може да зборува против постапките на власта

Ранко Петровиќ/фото Слободен Печат/Методиј Здравев

Македонската публика со нетрпение го очекува 27-то издание на „Златна бубамара на популарноста“, кое ќе се одржи на 22 февруари со почеток во 20 часот во арената „Борис Трајковски“. Оваа година „Бубамара“ на својот типичен, сатиричен начин, најавува дека за сите посетители ќе има колективно фотографирање за пасош и лична карта, и секако гарантира неколку часови незаборавна забава за сите што ќе бидат дел од најпосакуваниот културен настан во Македонија.
Човекот што стои зад „Бубамара“ веќе 27 години по ред, Ранко Петровиќ, беше гостин во студиото на „Слободен печат“ и зборувавме за тоа што може да очекуваат посетителите оваа година и за процесот на раѓањето на шоуто што ќе ги собере најдобрите и најголемите имиња од културата и од забавниот живот кај нас.

– Мојата идеја секогаш била „Златна бубамара на популарноста“ да биде вечер кога ќе се соберат најдобрите од таа година и легендите што станале со текот на времето и секогаш сум сакал да имаме мала таинственост, односно неизвесност кај гледачите. И во тоа сме успеале, бидејќи многу е лошо на пример да гледате филм или да читате книга од Агата Кристи и на почетокот да знаете дека келнерот е убиецот. Затоа е многу подобро и пријателски спрема нашите гледачи и публиката, да дојдат и да не знаат што ќе биде, зашто само тогаш ќе им проработат на вистински начин емоциите и ќе го почувствуваат тоа што ние го подготвуваме како уметници.

Секоја година „Бубамара“ дава награда за животно дело, која овој пат ќе отиде во рацете на нашата позната пејачка легенда Драган Мијалковски.

– Можам да кажам дека оваа година, како и секоја друга, имаме награда за животно дело, а оваа година ќе ја добие нашата музичка легенда Драган Мијалковски, кој прославува 55 години од првото официјално појавување и 60 години откога првпат почнал да пее како дете. Тој има огромен број хитови, соработувал со многу наши познати композитори како Шпато, Кире Костов, Ванчо Димитров… и ги отпеал најубавите песни што сите ги знаеме. Тоа ќе биде еден посебен дел, многу убав и емотивен, со ревиски оркестар со 50 музичари, за музиката што е свирена во тоа време, да може да ја доловиме на слушателите. Тоа технички е малку потешко, бидејќи салата „Борис Трајковски“ е спортска, а ние ја приспособуваме да биде концертна, но малку и гламурозна за да ѝ оставиме на публиката нешто што ќе се памти. Ние имаме малку величини што се живи и здрави, Тоше Проески беше најдобриот, а пред него Драган Мијалковски како пејачка легенда, кога имало „селебрити култура“ и луѓето трчале по него.

Оние што со години ја следат „Бубамара“, знаат дека таа е наменета за оние што навистина знаат да уживаат во шоуто, кое ќе се потруди и ќе успее да ги задржи во салата повеќе од три часа. Со оглед на желбата да се посвети внимание на сите и да се опфатат повеќе општествени случувања, годинава „Бубамара“ ќе трае три и пол часа.

– Не е животот три секунди како клиповите што се пуштаат на социјалните мрежи. За да се доживее некоја емоција, треба процес, да дојдат, да влезат, да уживаат, да почувствуваат дека некој се трудел околу целата организација и како гледачи да знаат дека се на нешто многу големо. „Златна бубамара“ е најголем настан во културата, и ако го откриеме сценариото, ќе биде многу различно. Друго е да го гледате Сашко Коцев да го каже вицот, а друго е кога новинарот ќе напише „Сашко Коцев рече: вратете ги визите“, тоа не се чита, тоа треба да се доживее.
Луѓето од обезбедување што седат надвор пред салата, кажуваат дека нема луѓе надвор додека трае манифестацијата, што значи дека не е досадно и никој не сака да излезе. Ќе се потрудам годинава да трае три и пол часа, бидејќи толку се издржува, па и да се продолжи малку, кога веќе ставате сценографија од 50.000 евра и камерите се подготвени, тотално е неважно дали ќе излезете половина час порано или ќе направиме документ за нешто што ќе остане во историјата.

Вообичаено Ранко не сака да открива дел од сценариото и гостите на „Бубамара“, па така најави само незаборавно шоу.

– За нас е најголем комплимент кога ќе кажат дека оваа година на „Бубамара“ ќе се појават Сашко Коцев, Игор Џамбазов или Тино и Атанас, но ќе оставиме да биде неизвесност и само ќе најавам дека комплетно ќе уживаат. Инаку, Сашко Коцев во последниве десет години е број еден кај нас, а нам како држава ни требаат такви луѓе, исто и Тино и Атанас, нивните претстави се продаваат за десет минути, а за Џамбазов нема потреба ни да зборуваме. И тие се само еден дел од претставата, другите триста и педесет луѓе се во заднина, некој свири, некој пее и слично, а ние кои сме во публиката и аплаудираме, сме им најголема поддршка на тие што се на сцената и добиваат награди. Така што „Златна бубамара“ е вечер каде што публиката е исто така дел од настанот и многу ни е драго што таа нѐ поддржува. Јас никогаш не би напишал таква сатира ако немаме поддршка од публиката. Значи, ние имаме мандат да можеме да правиме сатира, да можеме да зборуваме против некои постапки на власта, а тие да не се во новинарска форма.

Целото интервју со Ранко Петровиќ можете да го погледнете на следниот линк:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот