
ВИДЕО+ФОТО | „Стоп за Вардариште“: Преку глава ни е веќе, сакаме резултат веднаш, а не по изборите
Граѓаните порачаа дека ги налутила изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека по изборите градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го исчистат градот за 72 часа. Од собирот побараа тоа да се направи веднаш а не по изборите.
Револтирани граѓани утрово ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“, поради незадоволство од власта која не ги слуша нивните барања за решавање на проблемот со старата депонија Вардариште.
Препорачано
На мирниот собир пристигна и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, кој се најде на удар од страна на граѓаните кои го критикуваа дека ова му е прв пат да се појави на нивен протест и дека никој од властите не сака да го реши овој проблем со старата скопска депонија која го труе целиот град. Митески не можеше да дојде до збор од револтираните граѓани, кои му рекоа дека ако сакаат властите можат веднаш да го исчистат Вардариште и да го решат проблемот.
„Преку глава ни е веќе, сакаме резултат веднаш“ рече една жена, која му порача на Митески дека нејзино приватно право е дали ќе биде политички определена, но овде на протестот е дојдена како засегната граѓанка.
Насобраните порачаа дека ги налутила изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека по изборите градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го исчистат градот за 72 часа. Од собирот побараа тоа да се направи веднаш а не по изборите.
„Со багери и камиони одма може да се исчисти, јавете му се на Мицкоски. Еве и јас ќе го исчистам. Ако сакате тоа можете веднаш да го направите“ му рече еден револтиран скопјанец.
Митески се обиде да се оправда дека виновна за проблемот е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, по што една жена го праша зошто сите градоначалници не се соберат, да организираат протест и да ја сменат Арсовска.
„Секоја чест на градоначалничката (Данела Арсовска) што сите ве доведе во оваа ситуација. Вие изгледа не сте способни да работите“ му порача жената на Митески.

Дел од насобраните побараа од градоначалникот јавно да им се извини поради тоа што ги обвинил дека се партиски определени, а не засегнати граѓани кои навистина бараат решение за проблемот.Тој им рече дека ги поддржува и ги разбира зошто протестираат.
„Овој искрен граѓански протест го поддржувам и сметам дека со право протестирате зошто и мене ми пречи тоа што на вас ви пречи. Се обидуваат политички да ви го одземат микрофонот, кандидати за градоначалници, за жал, за да продолжи граѓански како што е сега…“ рече Митески но не се извини, бидејќи како што рече, бил погрешно разбран.
Од Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат од институциите да започне процес за конечно затворање на Вардариште, но и да се откријат и казнат сите кои досега предизвикуваат загадување со потпалување на пожари. Граѓаните бараат ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште, со цел да се стави крај на ваквите незаконски активности.
Барањата, како што велат, ги доставиле до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, до Владата, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром, но до сега не добиле одговор од ниту една институција.

Учесниците на собирот повторно ги повикаа сите граѓани да им се приклучат и апелираа до работодавците да покажат разбирање и толеранција кон вработените кои евентуално ќе задоцнат на работа. Тие ги замолија и возачите за разбирање за утринската блокада.
Протест ќе има во 18 часот, на крстосницата кај паркот „Авионче“.