Фото: RK Eurofarm Pelister

ВИДЕО | Еурофарм Пелистер со триумф над Загреб ја почна новата сезона во Лигата на шампионите

Денеска во првото коло од групата Б во ЕХФ ракометната Лига на шампионите, македонскиот првак Еурофарм Пелистер во салата „Боро Чурлевски“ пред полни трибини во Битола со 25:23 го совлада Загреб од Хрватска.

После првото полувреме играчите предводени од тренерот Рубен Гарабаја имаа минимално водство од 13:12. Во текот на првите 30 минути битолската екипа беше константно во предност, највисоката достигнуваше до „плус четири“ (7:3, 8:4). На стартот од вториот дел тимот на Андрија Николиќ направи серија од 4:0 за водство од 16:14, имаше и 17:16, но потоа Еурофарм Пелистер возврати со низа од три погодоци и повторно го контролираше резултатот до самиот крај на мечот.

Македонските шампиони бодрени од своите верни навивачи во текот на целиот натпревар, во понатамошниот период од играта одржуваа водство од еден-два голови разлика, а нешто подоцна дојдоа и неколку пати до три позитива (22:19, 23:20) и не му дозволуваа на противникот да дојде до каков било пресврт. Клучен придонес во решавачките моменти имаше и голманот Хеидарирад со неколку значајни одбрани.

Сепак, мечот влезе во неизвесна завршница, Загреб не се предаваше и успеа да стигне до „минус еден“ (23:22), потоа и до 24:23. По нереализиран напад на Еурофарм Пелистер, останаа уште 19 секунди до крајот на натпреварот во кои гостите имаа шанса и напад да извлечрат реми, но домашните ракометари успеаја да се одбранат и да го постигнат последниот гол преку голманот Хеидарирад за радост кај домашните играчи и на трибините.

Прв стрелец во редовите на Еурофарм Пелистер беше Дејан Манасков со осум голови, шест запиша Филип Кузмановски, а четири Тунижанецот Усама Хосни. На спротивната страна Филип Главаш забечежа седум погодоци, а три беа дело на Давор Чавар.

Во денешните други мечеви од ЛШ: Алборг – Веспрем 32:28, Динамо Букурешт – Спортинг 30:33 и Магдебург – ПСЖ 37:31. Во второто коло од групата Б, Еурофарм Пелистер на 18 септември ќе му гостува на францускиот ПСЖ, додека еден ден порано Загреб повторно ќе игра на гостински терен овој пат во Полска на дуел со Висла Плоцк.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот