ВИДЕО | Андоновиќ: Смртта на Навални може да има последици врз американските избори?

Анализа со Андоновиќ / Фото Слободен печат

Пред руската инвазија на Украина, судбината на опозицискиот лидер Алексеј Навални доведе до европски и американски санкции и беше главна точка на несогласувањата меѓу Кремљ и западните земји.

Пред четири години, труењето на Навални во Сибир ги наруши руските односи со Германија, каде што тој се лекуваше.

Но, и покрај обидот за атентат врз Навални, окупацијата на Крим и руските воени операции во источна Украина, владата во Берлин беше подготвена да се вклучи во активна трговија со Русија и купување руски гас.

Американскиот претседател Џозеф Бајден по состанокот со Владимир Путин во Женева во 2021 година изјави дека го предупредил рускиот лидер на „катастрофални последици“ во случај на смрт на Навални во затвор.

На денот кога беше објавено дека Навални починал во затвор, Бајден одржа краток говор во чест на храброста на рускиот опозиционер обвинувајќи го „Путин дека е директно одговорен за неговата смрт“.

Западните медиуми пренесуваат дека на директното новинарско прашање кон Бајден со какви последици ќе се соочи Путин и Москва поради смртта на Навални, Бајден одговорил: „Размислуваме што друго може да се направи“, додавајќи дека со воведените санкции Русија веќе се соочува со „пеколни последици“.

Многумина светски аналитичари сметаат дека смртта на Навални би имала огромно влијание доколку се случила пред четири или пет години, бидејќи ЕУ од позиција на внимателен дијалог би преминала на многу поотворено наметнување санкции и покажување непријателство. Но денес, сето ова е веќе применето, сметаат тие.

Смртта на Навални може да има влијание и на внатрешно-политичките дискусии во Европа, каде што многу екстремно десничарски партии и движења се обединети во нивниот отпор кон Европската унија, но заземаат различни позиции кон Русија.

Смртта на Навални може да влијае и на кампањата за американските избори во ноември. „Напорите на Трамп и неговиот тим за нормализирање на Русија ќе претрпат тежок удар“, велат дел од меѓународните експерти, кои додаваат дека на Трамп ќе му биде потешко да ги убеди американските гласачи и вашингтонската елита за потребата да заземат помек став кон Кремљ.

Дел од меѓународната јавност смета и дека смртта на Навални, би можела дури да ги наведе републиканците во Конгресот да одобрат нов пакет помош за Украина, решавајќи ја речиси двомесечната дебата.

Тие ја блокираа мерката, тврдејќи дека рекордниот проток на мигранти од Јужна Америка во САД мора да се запре пред да им се помогне на странските земји

Трамп ја повика партијата да се спротивстави на договорот со демократите, додавајќи дека странската помош треба да биде во форма на заеми наместо грантови.

Сега се поставува прашањето дали републиканските конгресмени ќе го послушаат Трамп, или ќе ја подигнат блокадата во Конгресот за давање помош на Украина.

И самиот Трамп коментирајќи ја веста за смртта на Навални рече дека смртта на Навални го освестила нов во сосема друга насока.

„Ненадејната смрт на Алексеј Навални ме направи сè повеќе свесен за она што се случува во нашата земја. Тоа е бавна, постојана прогресија со нечесни, радикални левичарски политичари, обвинители и судии кои не водат по патот на уништување“, напишал Трамп на социјалните мрежи.

„Отворените граници, наместените избори и крајно нечесните судски одлуки ја уништуваат Америка. Ние сме нација во опаѓање“, додал тој.

Наспроти него актуелниот американски претседател Џо Бајден во петокот директно го обвини Путин за смртта на Навални во казнено-поправниот дом северно од Арктичкиот круг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот